Дали знаете? – Свети Наум
- На 3 јули во Свети Наум доаѓа народ од секаде и сите носат по нешто. Но и Свети Наум бил издашен. Порано пред празникот манастирски луѓе оделе во поблиските и подалечните места да го канат населението да дојде на панаѓур. Се канело со риби. Во секоја куќа и на секого што ќе го сретнеле се давало по една риба велејќи: „Повели да дојдиш на панаѓур“. За канењето манастирот трошел со стотици риби. А на денот од панаѓурот на дојдените им се давало и јадење. Секој земал од манастирското јадење за да добие благослов од Свети Наум. Марко Цепенков соопштува дека чојачко-абаџиските занаетчии од Прилеп, а според други сознанија и во Крушево, за свој патрон го имале Свети Наум. Нив манастирот Свети Наум во старо време ги канел со риба за на поклонение на празникот. Бидејќи во тоа време еснафот беше во расцвет, одеа на поклонение мајсторите со калфите дури и фамилијарно. Ако пак се случеше да не отидат, му се испраќаше парична помош на манастирот, пишува Марко Цепенков.
- Свети Наум по враќањето во Македонија во 893 година се оддал на испоснички и монашки живот. Го изградил манастирот посветен на Светите архангели Гаврил и Михаил, на другата страна од Охридското езеро, на спротивната страна од манастирот „Свети Пантелејмон”, во кој служел, живеел и се подвизувал Свети Климент. Овој манастир е изграден во 895 година, а бил осветен од страна на Свети Климент. Во него Свети Наум го примил монашкиот чин. Манастирот денес го носи неговото име, а во манастирската црква се наоѓа и наумовиот гроб.