домаДАЛИ ЗНАЕТЕ?Дали знаете? - Тафталиџе и Аристократските семејства во Скупи

Дали знаете? – Тафталиџе и Аристократските семејства во Скупи

Населбата Тафталиџе Скопје, името го добива од турскиот збор тахталиџе, што во превод значи маало со дрвени куќи. Ова име го добива бидејќи долго време просторот била една голема ливада и имало само по некоја дрвена куќа. Според легендата, семејството Хаџи Гали-бегови за време на Австро-турската војна 1683 – 1689 му биле десна рака на турскиот султан, и затоа, во знак на благодарност, султанот им подарил голем имот во Скопје. Семејството важело за најбогато семејство и покрај Тафталиџе, во нивна сопственост биле уште пет други села. Хаџи Гали-бегови на својот огромен имот не одгледувале никакви култури туку целото земјиште било зелена ливада. Семејството ливадата ја оставило за себап на душата, да се шета по неа и турско и каурско. И откако Скопје било ослободено земјиштето не било ничија сопственост и важело за излетничко место. Десетина години по Втората светска војна, кога Скопје почнало масовно да се населува, куќи почнале да се градат и во овој дел од градот.

Генерации и генерации скопјани кои го минуваат својот живот во близина на некогашната римска колонија многу малку, а некој и воопшто не знаат дека и таму, како и во денешните елитни населби, дел од населението живеело на „висока нога“. Откриените епиграфски споменици говорат и за присуство на аристократски семејства, меѓу кои имало и сенатори во Рим, а еден од нив бил и проконзул во провинцијата Македонија. Се знае дека три аристократски семејства имале голем имот и во околината на Скупи, а нивните припадници кои живееле или, пак, биле на служба во градот, сакале и тука да ги уживаат сите благодети што тогаш им се нуделе во градовите од кои доаѓале, Солун, Рим или од други места. Дел од нив во градот донирале во изградба на храмови, бањи, јавни градби и др., па се очекува и во иднина од подземјето да се појавуваат уште вредни предмети како потврда за значењето на градот, околу кој полека се шири нашата сегашна метропола.

Ден 18 април 2025

00:01:17