домаДАЛИ ЗНАЕТЕ?Дали знаете? - Иконостасот Свети Спас и Евлија Челебија

Дали знаете? – Иконостасот Свети Спас и Евлија Челебија

1944 година Македонија за малку ќе го загубела иконостасот што се наоѓа во црквата Свети Спас Скопје, направен од тајфата на Петре Филиповски – Гарката. Тогаш се расчу дека Бугарите планираат да им го дадат иконостасот на Германците како подарок. Тој веќе бил спакуван и стоел пред црквата кога копаничарот Нестор Алексиев Мирчевски (1873 – 1969) стигнал и веднаш им се обратил на германски јазик: „Иконостасот кој вие сакате да го земете го направиле моите предци. Вам, како на една голема сила и културна земја, не ви приличи да го земете. Ова е бесценето, работено е дванаесет години, а вие сакате да ни го земете“. Тој уште им кажал дека во 1938 година добил награда за својата резба на Светската изложба во Берлин и бил примен од нивниот градоначалник. Потоа, иконостасот бил вратен и засолнет во Народна банка. По војната, Нестор Алексиев Мирчевски го монтираше повторно на местото каде се наоѓа и ден денес.
Хроничарските белешки за градот од Евлија Челебија за Скопје и за Македонија не постојат како книга кај нас, бидејќи никогаш не е печатено како посебно издание на македонски јазик. Неговите севкупни дела се објавени под наслов”Сејахатнаме” (Патописи) во десет томови. Во светот се многу ретки преводите на Челеби, односно нивно комплетно издавање се појавува дури кон крајот на XIX и на почетокот на XX век. Многуте феномени на Скопје од османлискиот период, но и од поширокиот средновековен период, сè до денес би ни останеле непознати или недоволно познати и објаснети, доколку ги нема патописите на Челеби. Тој бил роден во Истанбул, каде што и починал (1611-1682), како еден од најголемите турски патописци. Што се однесува до описите на Скопје, Челебија многу прецизно ги опишал тогашните урбани јадра на градот,и се смета дека тоа се најдобрите записи од ваков вид кои се направени во XVII век. Тој дава генерална слика за местоположбата на Скопје, Чаршијата, скопските маала (на број се седумдесет), амамите, џамиите, тврдината, пазарите, Безистенот, Камениот мост. Но, неговите описи не се задржуваат само на виденото. Тие навлегуваат длабоко во менталитетот на скопјани, на нивните навики, обичаите, јазикот, исхраната.

Ден 18 април 2025

00:01:17