Легендата вели Црн камен Велес е свето место, бидејќи на врвот од карпата Турците погубиле 40 попа. Телата ги фрлале во долот, а нивната крв се разлеала низ карпата. Разлеаната крв и денес се познава на карпата. Тоа се црните траги на камењата. На врвот од карпата, каде што биле заклани поповите почнала да извира вода и исто како што се разлевала нивната крв, сега се разлева водата. Иако со векови низ трагите од крвта на поповите тече вода, трагите не се измиваат. Тоа е водата која ги мокри само луѓето без гревови. Велешани веруваат дека душите на закланите попови се тие кои им помагаат на болните и несреќните и ги прават среќни. На Црн камен луѓето одат за секој поголем празник, се молат за здравје и среќа, се оди секој четврток од Велигден, до Спасовден или спроти недела.
Ктитор на амамот во Скопска чаршија е Даут-Паша. Тој го гради објектот за време на неговата позиција како румелиски (балкански) беглербег, во периодот од 1489 до 1497 за потребите на својот харем. Едниот дел бил наменет за мажи ,другиот за жени. Во двата дела имало простории за пресвлекување, простории за аклиматизација пред и по бањањето, тоалети, берберница, простории за депилација, заедничко бањање и простории за индивидуални бањи. Се смета дека амамот имал 99 чешми. Постојат легенди дека тој никогаш не ни бил пуштен во употреба. Христијанското население ја раскажува легендата за клетвата на овој објект поради градењето врз стара црква. Затоа на првиот ден од неговото отварање наместо вода се појавиле змии кои ја каснале ќерќата на Даут-Паша, по што тој наредил затварање на амамот. Присуството на записи за неговите приходи ги оспоруваат овие легенди и посочуваат на високи трошоци за одржување како можна причина за неговото затварање. Се верува дека објектот бил и значително оштетен во природните катастрофи, како големиот земјотрес во 1555 г. или пожарот во 1689 г.
