ДАЛИ ЗНАЕТЕ – КАЊОН КАМНИК/КРУШЕВСКИ МАНИФЕСТ
- Кањонот Камник се наоѓа во северозападното подножје на Плачковица, 9 km западно од Штип и 5 km југоисточно од селото Радање во општината Карбинци. Кањончето е со должина од околу 1,5 km и длабочина од само неколку десетици метри. Всечено е долж типична раседна линија помеѓу доста распаднати, еродирани гнајсеви и цврсти амфиболити. Без оглед на малите димензии, минувањето низ кањончето, посебно преку тесните и вертикални карпи, претставува вистинско адреналинско доживување. Рекичката овде создала неколку помали, но атрактивни водопади високи до 5 m, со џиновски лонци во вид на базени. Вкупно растојание во двата правци е околу 12-15 km или 5-6 часа пешачење со умерено темпо. Иако секое годишно време е убаво за посета, сепак поради богатството со вода, колоритот, зелената боја на вегетацијата во контраст со сивкасто-црвеникавите карпи, најинтересно доживување е во пролетните месеци. Во секој случај, посетата на кањонот Камник претставува одлична авантура, кое ќе ви остави незаборавни впечатоци.
- Крушевскиот манифест го објавила востаничката власт во Крушево за време на Илинденското востание. Напишан е на 6 август, а одредени историски извори како автор го наведуваат Никола Карев. Напишан е на македонски јазик (крушевски дијалект), а потоа, преведен на турски јазик, е испратен во 17 примероци до околните села со чисто или мешано муслиманско население. Текстот на Манифестот прв пат е објавен во драмата „Илинден“ на Никола Киров Мајски во 1923 година.