ДАЛИ ЗНАЕТЕ – СВ.ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ/ДЕН НА РУДАРИТЕ
- Областа на Осоговието каде што е изграден Осоговски манастир се нарекува Сарандопор, а се однесува на четириесетте брода, слапови и свиоци на Крива Река. Едно од кривопаланечките најавтентични преданија, кое во колективната меморија е присутно повеќе од девет века, знае за присуството на Норманите, кои на почетокот на осумдесеттите години на XI век навлегле на овие простори. Од тие војски св. Јоаким Осоговски бил вознемирен на своето подвизување во село Градец. Тоа било причина да избере ново место. За таа цел ја избрал пештерата во месноста Бабин Дол, во непосредна близина на денешната локација на манастирот Св. Јоаким Осоговски. Иако нема пишани документи за црковното наследство и организација во Кривопаланечко за периодот пред доаѓањето на св. Јоаким ,бројните археолошки локалитети во кои повеќе од петнаесет се спомнуваат под името црквишта и манастиришта одат во прилог на претпоставката дека св. Јоаким дошол во средина со развиен црковно – духовен живот.
- На 28 август е Ден на рударите на Македонија. Саксонските доселеници се главната причина за големиот рударски и економски бум во 13 и 14 век. Се доселуваат на територијата на Кратово, Крива Паланка, Кочани, Штип, Пробиштип и Осоговските Планини. Во овој регион главно била експлоатирана железна, оловно-сребрена, но и златна руда, а поради сложената технологија за преработка на среброто и златото, искуството на познатите саксонски рудари било повеќе од добредојдено. Со одминување на времето, доселените Саксонци почнале да се претопуваат во локалното население, а како сведоштво останале имињата на населени места како: Саса, Луке, Шлегово, Шталковица, топонимите Штона и Халден, реката Латишница. Името на планината Осогово (кованица од старогерманските зборови Osso (Бог) и gov (место) – “божјо место”). Кај локалното население се сочувани и повеќе зборови од германско потекло како: фурник (работник), утман (рудар), шљака (згура), штона (јама) и други. Една кратовска легенда говори дека кога се доселиле првите седум саксонски фамилии во градот, секоја засадила по едно дрво – 5 бора и 2 костена, а два бора сеуште опстојуваат во денешниот градски парк во Кратово.