Манастирот Св. Андреја – Матка бил создаден кон крајот на XIV век, во 1388/1389 година, во кризни, турболентни историски околности, непосредно пред и за време на Косовската битка (1389) а пред освојувањето на Скопје од страна на Османлиското Царство (1392). Тој бил изграден на мошне безбедно и тешко пристапно место во карпестиот теснец Матка, високо над коритото на реката Треска, на зарамнет простор на левиот речен брег, на подрачје кое било под власт на кралот Марко (1371-1395) и спаѓало во пограничната зона на тогашната Маркова држава, а му припаѓало на принцот Андреаш, вториот син на крал Волкашин (1365-1371) и кралицата Елена, брат на кралот Марко. Од насликаните осум групации на архиери во Манастир Свети Андреа во Матка малку познато е присуството на Свети Климент Охридски и неговото нагласено место во олтарот на црквата. Насликан е со долга брада и мошне куса бела коса рамномерно распоредена на челото.
