ДАЛИ ЗНАЕТЕ – ЗАУМСКА ЦРКВА /АРГИР МАРИНЧЕ
- Од натписот на влезната врата дознаваме дека Заумската црква во Охрид е подигната за време на владеењето на цар Урош во 1361 година, дека ктитор на архитектурата бил кесарот Гргур, а на сликарството кир Григориј, епископ деволски и прототрон на Архиепископијата. Во тие години намесник во Охрид бил севастократорот Бранко, чиј син Гргур управувал во Девол, на што укажува неговото ктиторство во рамките на Деволската епархија. Гргур бил еден од моќниците кој во спомен на старото родно место ја изградил Богородица Заумска на Охридското езеро и како спомен за светото место од родниот крај во Захумље (Херцеговина). Оттаму, Гргур го префрлил култот на Богородица Захумска на овие краишта врзувајќи го така своето име со овој голем култ. Со себе ја понел и чудотворна икона позната како Неракотворена, која била главна олтарна икона во црквата. Археолозите ја наоѓаат уникатната икона во реставрацијата на црквата во 60-тите години од минатиот век и ја сместуваат во црквата Св. Никола во село Трпејца и таму стои извесно време се до нејзиното исчезнување.
- На 13 септември 1903 год. околу 2.000 жители од Охридско, пред силниот налет на Бахтијард-пашовата туска војска што пустошеше се пред себе, побара засолниште во месноста Рашанец, планинска долина помеѓу селата Куратица, Речица и Свињишта. Околу 200 жители од Охридско загинаа во борбата на Рашанец. Меѓу загинатите беше и војводата Аргир Маринче, кој со својата храброст им даде пример на сите борци како треба да се борат за слободата на својот народ. Аргир Маринче е роден во Охрид, во 1870 год.