домаUncategorizedУставниот суд разгледуваше четири иницијативи за оценка на уставноста

Уставниот суд разгледуваше четири иницијативи за оценка на уставноста

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за градење, а ја одби иницијативата за покренување постапка за член на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови. Иницијативите за постапки по Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ и за член од Законот за судските такси не го добија потребното мнозинство гласови и ќе бидат повторно ставени на гласање на следната седница на Судот.

Како што соопшти Уставниот суд, иако судијата-известител предложи поведување на постапка за Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ АД Скопје, ваквиот предлог не го доби потребното мнозинство и поради тоа овој предмет повторно ќе биде ставен на гласање на следната седница. Подносители на иницијатива за постапка за овој Закон се Светскиот македонски конгрес и партијата Левица.

Потребното мнозинство гласови за покренување постапка не ја доби ниту иницијативата, поднесена од адвокатот Бобан Богдановски, кој ја оспорува уставноста на член 6 став 3 од Законот за судските такси. И овој предмет ќе биде ставен на дневен ред на следната седница на Судот. 

Уставните судии ја отфрлија иницијативата за преиспитување на уставноста на член 30 во делот „министерот за стопанство и министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија“ од Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови, бидејќи согласно член 27 алинеја 1 од Деловникот е ненадлежен да одлучува за ова прашање.

– Имено, наводите се сведуваат на барање на постапување на Уставниот суд, што не е во негова надлежност, туку во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува и воедно врши и технички и исправки и корекции на прописите кои ги донесува, се наведува во образложението на Судот. 

Подносител на иницијативата, Игорчо Точев од Кочани, со иницијативата ја оспоруваше одредбата „Со изменување на Законот за складирање и заштита од запаливи течности и гасови објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 12 од 4 март 1993 година, е направена измена во член 30 зборовите „републичкиот секретар за внатрешни работи“, „републичкиот секретар за индустрија и трговија“, „републичкиот секретар за урбанизам, станбени и комунални прашања“ се заменуваат со зборовите „министерот за внатрешни работи“, „министерот за стопанство“ и „министерот за урбанизам градежништво сообраќај  и екологија“.

Судот реши да поведе постапка за оценување на уставност по иницијатива на Игорчо Точев  за членот 152 став 1 точка 2 во делот „став (4)„, член 154 став 1 точка 2) во делот „став (4)”, член 156 став 1 точка 8) во делот „став (4)” и член 158 став 1 точка 4) во делот „став (4)” од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија”, број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015 (две измени), 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 244/2019, 18/2020, 279/2020 и 227/2022).

– По сопствена иницијатива Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 154 став 1 точка 2) во делот „став (4),”, член 156 став 1 точка 8) во делот „став (4)” и член 158 став 1 точка 4) во делот „став (4),” содржани во истиот закон. Судот поведе постапка бидејќи одредбите треба да бидат прецизни, недвосмислени и јасни и само како такви да ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како негов составен дел, што не е сторено во конкретниот случај од страна на законодавецот. Имајќи предвид дека во наведените оспорени членови од Законот за градење како упатувачка норма стои „став (4)”, а треба да стои „став (7)”, според Судот не е во согласност со принципот на владеењето на правото, се наведува во соопштението.

Поради оправдано отсуство на судијата-известител, Фатмир Скендер на денешното заседние, решено е предметите У.бр.32/2022, У.бр.144/2019 и 114/2022 да бидат ставени на дневен ред на наредната седница.

Ден 18 април 2025

00:01:17