Рождество на Пресвета Богородица (позната и како Света Богородица, Пресвета Богородица Трирачица) е православен храм кој се наоѓа во центарот на градот Скопје. Во минатото, во периодот од 1835 била соборен храм на градот Скопје и седиште на Скопската епархија (митрополија). Патрониот светец на црквата, Пресвета Богородица, е заштитничка на градот Скопје. Најпрвин црквата „Света Богородица“ како соборен храм. и заштитник на градот Скопје била изградена во 1204 година од страна на македонскиот средновековен владетел Добромир Хрс. Изградбата била довршена во 1214 година од неговиот син Стрез (Срез). Оваа црква постоела до 1688 година, кога била срушена од Турците. На почетокот на XIX век, повторно започнала изградбата на црквата. Според скопскиот трговец Хаџи-Коста, неимарите и копаничарите започнале со работа уште во 1809 година, а по 10 години чекање на одобрението за изградба од страна на султанот во Цариград, црквата била свечено осветена на 1 мај 1835 година. Изградбата и иконостасот ја извршиле прочуените дебарски мајстори и копаничари, односно тајфите на Рензовци-Зографски во поголем и Фрчковски во помал дел. Кон крајот на Втората светска војна, во 1944 година, црквата со своите непроценливо богати исконостас и живопис, била запалена од страна на бугарската окупаторска војска. Власта во рамките на СФРЈ не започнала обнова на храмот, така што тој бил целосно срушен во скопскиот земјотрес од 1963 година. На почетокот на 1995 година, група на главно постари граѓани (пензионери) на Скопје основаат и регистрираат здружение на граѓани за обнова на црквата, при што истата година успеваат да го обезбедат поседовниот лист и да издејствуваат изграбата на црквата да влезе во ДУП на Скопје. Во следните неколку години тие успеаваат со самопридонес да изградат мал храм во близина на темелите на некогашната црква. Во 2004 година, познатиот скопскиот стопанственик и поранешен градоначалник Трифун Костовски активно се вклучил во обновата на црквата. Благодарение на неговото ангажирање и финансиските средства, изграбдата започнала во 2005, а завршила со осветувањето на црквата на празникот Св. Атанасиј, на 31 јануари 2008 година. Црквата е обновена во истиот изглед и архитектура како што ја имала во минатото.
