домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Емир Ќучук( Султановиот Мост) и Зовиќ

АванТуризам – Емир Ќучук( Султановиот Мост) и Зовиќ

Емир Ќучук Султановиот мост познат и само како Камен мост, претставува камен лачен мост кој ја премостува Брегалница кај Штип. Мостот се наоѓа на самиот влез во градот и според податоците, тој бил изграден во 1672 година и спаѓа во ретките примероци на турската архитектура во Штип. Мостот го добил името по султанот Ќучук Емир. За време на Првата балканска војна преку овој мост поминувала демаркационата линија, која градот го делела на српски и бугарски дел. Населбите од левата страна на река Брегалница биле под бугарска власт, додека оние од десна страна потпаднале под српска окупација. Во минатото со оглед на големиот водостој, мостот имал мошне важна комуникациска улога, но денес со намалувањето на водата во реката Брегалница, има повеќе историско – архитектурно значење. Денес кај овој мост според предвидената студија за регулација на Брегалница се предвидува да изгради гумена брана.

Камен мост (Зовиќ) камен лачен мост кој ја премостува Градешка Река во непосредна близина на селото Зовиќ. Тој бил изграден заради поврзување на населението со населените територии од другата страна на реката, односно со селата: Старавина, Градешница, Бешиште и Полчиште. Се смета за едно од најубавите архитектонски зданија во Мариово. Во средниот век, на местото на денешниот камен мост веројатно постоел дрвен мост. Во 1952 година, некој селанец со претоварена воловска кола поминувал преку мостот, кој се преполовил, а селанецот и воловите паднале во реката и тој се здобил со трајни повреди на ‘рбетот. Тогаш селаните одлучиле да се изгради нов мост и со здружени заложби на месното население, камениот мост бил изграден во 1955/6 година, а мајстор бил извесен Ѓуладин (Џуладин), со потекло од селото Лабуништа, потпомогнат од Трајко Секирков. Во 2014 година, мостот бил поправен и обновен од страна на Општина Новаци. Мостот е лачен и е приспособен на теренот. Граден е од камен, односно делкани и приделкани камени блокови. Во непосрсдна близина на мостот, на една висока карпа, е насликан Свети Ѓорѓи, што претставува остаток од црква којашто во минатото се наоѓала на тоа место. Живописот потекнува од 1925 година, што е испишано заедно со имињата на дарителите, а бил обновен во 2006 година од страна на НУ Завод и музеј Битола. Во долниот дел од мостот, непосредно покрај Градешка Река се наоѓа воденица којашто населението ја користело за мелење житарици. Воденицата е изградена од камен и била покриена со камени плочи коишто подоцна биле заменети со лимен покрив. Мостот бил побуда за македонскиот Милчо Манчевски да сними дел од филмот „Прашина“, па поради тоа мостот е познат и како „Филмски мост“.

Ден 18 април 2025

00:01:17