18 февруари
Настани:
1945 Во Скопје е отворен Работничкиот дом, прв во Народна Република Македонија.
1950 Во Прилеп, аматерите на КУД „Мирче Ацев“, претходно работници на Тутунскиот комбинат, со претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, а во режија на Аце Михајловски, ги поставија темелите на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.
1992 Собранието на Република Македонија донесе одлука за формирање на Македонска информативна агенција (МИА) како јавен информативен сервис. Првата вест МИА ја емитуваше на 30 септември 1998 година.
1994 Владата на Република Македонија донесе одлука за воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Македонија и САД на ниво на амбасади.
Родени:
1930 Драган Бојаџиев македонски музички публицист роден во Тетово, починал во Охрид, 4 август 1981. Студирал на Одделот за историја на музиката на Музичката академија во Љубљана. Дипломирал на Теориско-наставничкиот оддел на ФМУ во Скопје. Бил соработник и долгогодишен главен музички уредник на Радио Скопје. Автор е на прилози, коментари и критики во емисиите на Радиото и периодични публикации.
1942 Ѓорѓија Најдоски — македонски поет. Најдоски е роден во с. Лактиње, Охридско. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Доктор по политички науки. Работи во Културно-информативен центар во Скопје. Член на ДПМ од 1967 година.
Починале:
1943 во Софија починал македонскиот револуционер Никола Пушкаров. Роден е во гратчето Пирдоп, Бугарија. Пред 1903 година кратко време бил професор во Скопската егзархиска гимназија. Во 1902 година бил испратен од Г. Делчев во Скопје со задача да го револуционизира и омасови движењето во Скопскиот округ. За време на Илинденското востание бил началник на востаничките сили во Скопскиот округ. По Востанието се повлекол во Бугарија и се посветил на научна работа. По Првата светска војна е учесник на привремената влада на поранешната ВМОРО. Во 1919 година им се придружил на Ѓ. Петров и Д.Х.Димов и пишувал за посебноста на македонската нација. Пушкаров до крајот на својот живот останал приврзаник на Македонското револуционерно ослободително движење.
2001 починал Крум Солунов Монев е македонски револуционер во Пиринска Македонија, борец за ослободување и обединување на Македонија. Учествува во четата Герасим Тодоров. Поради македонизмот издржал 16 години затвор, одбегнувајќи ја смртната казна поради малолетност. Овој македонски патриот и писател за својата националност ќе изјави „Македонец – фанатичен до болест“. Крум Солунов Монев е роден на 5 мај 1927 година во селото Оштава, Светиврачко, Пиринскиот дел на Македонија, во сиромашно, многудетно семејства. Во својата автобиграфија “Македонија мојата потпора” тој опишал кога и како започнал со осознавањето како Македонец и откривањето на неговата вистинска татковина.
