домаБЕШЕБеше 17 февруари 2024

Беше 17 февруари 2024

17 февруари

Настани:

1946 Во Скопје е основано Здружението на професионалните новинари во Македонија. Во салата на Градскиот народен одбор во Скопје, на повик на Акциониот одбор за основање на Здружение на професионалните новинари на Народна Република Македонија, се состанаа новинарите од следниве скопски редакции: „Нова Македонија”, „Трудбеник” ,„Единство”, Радио Скопје и дописништвото на агенцијата Танјуг и го основаа првото здружение на новинарите во историјата на Македонија. Основачкото Собрание го отвори одговорниот уредник на скопскиот весник “Единство”, Димитар Митрев. Во име на Народната влада на Македонија, Собранието го поздрави др Павел Шатев, министер за правосудство, а во име на македонските книжевници, композитори и артисти, поетот Венко Марковски. После дискусијата за претседател на Здружението на новинарите на Македонија едногласно беше избран Мито Хаџивасилев – Јасмин, одговорен уредник на „Нова Македонија”.

1947 Во Битола почна со работа Нижото музичко училиште, кое во 1962 година прерасна во Средно музичко училиште.

Родени:

1927 Во Кавадарци е роден Лазо Каровски, македонски писател и книжевен историчар. Од неговото обемно книжевно дело ќе ја споменеме неговата прва книга поезија за деца „Овчарче“, објавена во 1946 година, и последната, романот за деца „Нека летаат гулабите“, објавена во 1986 година. Умре во Скопје, на 3 февруари 2000 година.

1954 Доста Димовска македонска политичарка. Димовска е родена во Скопје но води потекло од Лазарополе. Завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како стручен соработник на Филозофскиот факултет. Во 1991 била избрана за заменик-претседател на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот на партијата во Прилеп. До 1994 била пратеник, а во тој период раководела со парламентарната Комисија за меѓународни односи. Во 1998 година Димовска била избрана за вицепремиер во владата на Љубчо Георгиевски. Од 27 декември 1999 до 13 мај 2001 година била Министер за внатрешни работи на Македонија. Во 2002 година поднесува оставка од партиските функции од лични причини. На 25 февруари 2002 година е назначена за директорка на Агенцијата за разузнавање, а функцијата ја напушта на 5 мај 2003 година. Од почетокот на 2007 година Димовска била директорка на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, Бугарија. Оваа функција ја вршела сè до март 2010, кога по претрпениот мозочен удар, починала во Софија на 4 април 2011 година.

Починале:

1952 Во Скопје почина Ангел Динев, македонски општественик и публицист, бескомпромисен борец против великобугарските фалсификации и против сите други негирања на македонската национална историја, односно на македонскиот национален индивидуалитет. Неговата книга „Македонските Славјани“ одигра значајна улога во популаризирањето и смелото истакнување на македонскиот национален индивидуалитет. Роден е во селото Смоквица, Гевгелиско, на 1 октомври 1891 година.

1995 Почина Благоја Корубин, македонски научен работник на полето на македонскиот литературен јазик. Роден е во Прилеп, на 1 март 1921 година. Бил долгогодишен претседател на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија (1959-1966) и на Сојузот на друштвата за македонски јазик на Македонија. Автор е на стручни и научни книги, голем број статии, сеќавања, прозни состави, четири стихотворби и други прилози. Бил посебно посветен во истражувањата на практиката на македонскиот јазик и повеќе децении ја уредувал рубриката „Јазично катче“ на дневниот весник „Нова Македонија“ и бил долгогодишен уредник на списанието „Македонски јазик“ и „Литературен збор“.

Ден 18 април 2025

00:01:17