ГЕОГЛИФ На оддалеченост од околу 5 километри од Свети Николе, во непосредна близина на с. Црнилиште се наоѓа геоглиф со импозантни димензии. Должината на геоглифот изнесува некаде околу 85-90 метри, а ширината околу 45 метри. На самото место на возвишението се наоѓаат канали со длабочина околу 2 метри и широчина 4 метри. Според истражувачите знакот којшто може да се види само од воздух односно од авион или сателитска снимка Google Earth претставува буква на Касиопеа – Македонска кралица. Под геоглифот има огромен комплекс од три простории: една помала и две поголеми со димензии од околу 18 метри ширина и 11 метри должина, а пред нив голем елипсоиден ходник. На средината поминува река која се двои на два дела како гејзир или фонтана, што наведува на фактот дека се работи за ритуално, култно место бидејќи во минатото значајните објекти, па и градовите, се граделе во близина на извори со жива вода. Геоглифот стана популарен откако хрватскиот истражувач и археолог Домагој Николиќ во емисијата “На рубу знаности# објави дека во селото Црнилиште е откриен древен симбол на можна кралска гробница од времето на Пајонците, дури се сомневаше дека таму се наоѓа гробот на Александар Македонски или на некој владетел од неговата династија. Според едни толкувања се смета дека возвишението во близина на селата Долно и Горно Црнилиште е свето место кое со причина не се обработува со векови, дека тумбата е направена од човечка рака и дека внатре има подземни шуплини за кои се претпоставува дека се гробни простории. Според други толкувања, можно е дека станува збор за гробници на македонските божества: Творецот на универзумот, Големата Мајка и нивниот првороден син, богот Ѕе. Истражувањата, пак, на наши археолози и историчари нè носат кон сосема поинаква вистина. Според анализите на историски документи, но и од добиените наоди и увидот на терен, тие заклучуваат дека локалитетот нема никаква врска со Александар, со боговите или, пак, со некаква светост, туку станува збор за обични воени ровови направени за време на Втората балканска војна.
