11 февруари
Настани:
1956 Ноќта снежни лавини се урнаа врз бараки и куќи по долината на реката Радика, во селата Стрезимир, Штировица и месноста Торбешки Мост, при што во бараки и куќи беа затрупани над 100 работници, кои го градеа мавровскиот хидроенергетски систем, граничари и жители. Во трагедијата животот го загубија 52 лица, а десетици беа навреме извлечени. Во спомен на овој настан, подигнат е Споменикот на градителите пред браната на Мавровско Езеро, а во Маврово традиционално се одржува и меѓународниот натпревар во нордиско скијање „Мавровски меморијал“.
1990 Во Скопје е основана Лигата за демократија. За претседател е избран Ѓорѓи Марјановиќ.
2001 Во Тетово е поставен камен-темелник на Штуловиот колеџ, првиот приватен универзитет во Република Македонија.
2012 Рано изутринава авион кој леташе на релација Прага – Скопје, а во кој се наоѓаше и министерот за надворешни работи Никола Попоски принудно слета на аеродромот „Александар Велики со што е избегната поголема авионска несреќа во близина на Скопје“Медиумите информираа дека откако авионот на чешката компанија ЦСА Боинг 737-700 над скопскиот аеродром кружеше околу 40 минути, капетанот соопшти дека авионот има мал технички проблем, односно дека еден од деловите на крилата кои служат за кочење не работи, па ќе мора принудно да слета.
Родени:
1949 Костандина (Леонида) Корнети-Пекевска е редовен професор по анатомија на Медицинскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирала, магистрирала и докторирала во областа на нормалната анатомија при Медицинскиот факултет во Скопје. После Дипломирањето, професорката Корнети-Пекевска е инволвирана и посветена на идејата за поврзување на анатомијата со клиничките гранки и таа е една од основачите на Европската асоцијација за клиничка анатомија во 1990 година. Во периодот 1994-1997 таа е избрана за продекан за наука на Медицинскиот факултет во Скопје. Главна истражувачки интерес на Корнети-Пекевска се комплексните морфолошки ентитети на коронарните и ембриолошките аномалии на аортниот лак, асоцирани со вродените срцеви малформации, како и интердисциплинарната колаборација во образовните и научно истражувачките активности.
1950 Илинка Митрева македонска политичарка и универзитетска професорка, поранешна министерка за надворешни работи на Македонија и пратеничка од редовите на СДСМ. Од 1974 до 2001 работела како помлад асистент, доцент и шеф на Катедрата за романски јазици и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Митрева била професорка по француска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевност. Таа била авторка на повеќе стручни и научни трудови. Функцијата пратеник во Собранието ја извршувала од 1994 до 2001. Митрева била претседателка на Комисијата за надворешна политика и шеф на Делегацијата на Македонија во Парламентарната димензија на Централно европската иницијатива, шеф на собраниската Група за соработка со Европскиот Парламент и член на Иницијативниот одбор за создавање клубови на НАТО. Од 13 мај до 23 ноември 2001 била министерка за надворешни работи на Република Македонија и од 1 ноември 2002 година. Починала на 1 август 2022 во Скопје.
1953 Роден е борачот Киро Ристов, повеќегодишен републички и државен првак, учесник на многу меѓународни натпревари, 2 балкански првенства, 2 медитерански игри, 2 универзијади, 6 европски првенства, 6 светски првенства, со многу златни, сребрени и бронзани медаљи.
Починале:
1992 Во Штип умре Методи Докузов, легендарен музички педгог на овој град и еден од основоположниците на музичката култура во Македонија. Роден е во Штип, во 1917 година.
2004 Во Скопје умре Томе Саздов, професор по народна литература, научен работник и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на повеќе книги, меѓу кои: „Македонски народни приказни“, „Марко К. Цепенков како собирач на македонски народни умотворби“, „Македонска народна лирика“, „Усна книжевност на Македонците“, „Историја на македонската книжевност – усна народна книжевност“, „Непознатиот Прличев“ и други. Роден е во Скопје, на 8 февруари 1934 година.
