домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Куклицa

АванТуризам – Куклицa

КУКЛИЦА Ако решите да го продолжите патувањето во источниот дел на Македонија, на 8 км северозападно по главниот пат за Кратово ќе наидете на селото Куклица. Ова мало село е сместено на десната страна на Крива Река. Оттаму, на уште 2-3 км, одејќи по земјен пат ќе пристигнете до геолошкиот резерват наречен „Весела свадба“ или „Куклици“. За ова волшебно место и ремек-дело на природата се испреплетени и легенди и вистини. Овде ќе ве пречекаат 148 камени кукли или земјени пирамиди кои со своите форми наликуваат на скаменети човечки фигури. Поради тоа, локалното население со векови раскажува легенди за нивниот постанок. Едната легенда вели дека во минатото некој човек од селото бил вљубен во две девојки. Не можел да се одлучи за која да се ожени, па им закажал свадба на двете во ист ден, надевајќи се дека нема да дознаат една за друга. Додека траела свадбата со едната девојка, втората ја слушнала музиката и тргнала да види што се случува. Кога видела дека се жени нејзиниот сакан, во наплив на бес, таа ги проколнала младоженците и сватовите и тие останале скаменети. Селаните местото го нарекуваат „Весела свадба“ затоа што сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Народот на секоја кукла £ има дадено име, па може да ги видите кумот, старосватот, чичкото, стрината, сватовите. Втората легенда вели дека на ова подрачје се наоѓала шума, но поради честите битки изгорела. Опустошеното подрачје и ниските температури придонеле војниците кои поминувале оттаму да се претворат во столбови. А, пак, науката вели дека камените фигури се создале пред десет милиони години, кога сè уште немало луѓе на планетата. Со текот на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела. Со вертикална ерозија на вулканските карпи се создадени „кукли“ повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Атмосферските влијанија ги граделе, ги моделирале, и затоа имаат така карактеристичен облик. Овој бавен процес на ерозија продолжува и денес, менувајќи го обликот на карпите, со што едни постепено ги снемува, а други се создаваат. Локалното население е сведок дека на секои пет-шест години, и во Горно и во Долно маало, двата локалитета поделени со еден рид, никнува по една нова фигура. Посетителите на оваа необична локација често тврдат дека подрачјето има малку мистична аура. Овој локалитет е заштитен како природна реткост. Како и да е, што и да прифатите како објаснување, оваа наша „свадба“ е единствена во светот.

Ден 18 април 2025

00:01:17