. КОКИНО На 1015 метри надморска височина, сместена на неовулкански рид под врвот Татиќев Камен, на простор исполнет со мир, каде постојано дува ветер и обиколена со прекрасните бои на природата ве пречекува мегалитската опсерваторија Кокино. Кокино е оддалечено 35 километри од Куманово, во близина на границата со Србија. Од овде се протега прекрасен поглед на околината, а ноќе кога небото е чисто може да се види и милениумскиот крст на Водно. Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Поради своите карактеристики, во 2005 година американската вселенска агенција НАСА го рангирала на 4 место од 15 вакви опсерватории, зад Абу Симбел, Стоунхенџ, Ангкор Ват. Пронајдените артефакти и спроведената археоастрономска анализа покажале дека локалитетот ги има сите карактеристики на митска света планина. Троновите се свето и обредно место и не се поврзани со астрономските набљудувања. Обредот се изведувал на средина од летото кога Сонцето изгрева точно во отворот на камениот маркер. Сончевиот зрак во обредниот ден паѓал точно врз вториот трон и осветлувал само еден од учесниците во церемонијата. Тој најверојатно бил племенскиот старешина, па се верувало дека во моментот на осветлувањето, владетелот се поврзувал со Богот Сонце, што претставувало гаранција дека наредната година повторно ќе има богата жетва. Мегалитската опсерваторија е долга околу 90 метри, а широка околу 50 метри. Од карпите се направени и две платформи за набљудување, источна и западна, од кои источната е за 20 м повисока. Старите претставници на сè уште непозната цивилизација успеале да направат „нишани“ низ кои го следеле движењето на Сонцето, Месечината и Ѕвезденото небо. Кокино има 7 нишани, 3 за набљудување на Сонцето, 4 за Месечината и пет камени седишта, наречени тронови на кои седеле владетелите. Со математичка прецизност ги утврдувале местата на Сонцето во денот на долгодневицата, пролетната и есенската рамноденица, минималното и максималното отстапување на Месечината во зима. И точно знаеле дека сето тоа ќе се повтори точно по 18,6 години. Опсерваторијата е стара четири илјади години и преку неа може да се одредат четирите главни позиции на Месечината и трите главни позиции на Сонцето во текот на една година.
