5 февруари
Беше тоа на 5 Февруари 1909 кога во Воден е роден Вангел Ајановски – Оче, македонски партизан, деец од Егејскиот дел на Македонија. Вангел е основач и раководител на Македонската антифашистичка организација (МАО) и Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО). Во периодот меѓу двете светски војни бил член на Комунистичката партија на Грција (КПГ) и секретар на реонскиот комитет за Воден во 1941 година. Во пролетта 1945 година станал секретар на Окружниот комитет на НОФ за Воденско, а потоа бил член на Извршниот одбор и организационен секретар на Централниот совет на НОФ на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Во периодот од летото 1942 до октомври 1943 го уредувал весникот „Црвена Ѕвезда“. Починал на 19 мај 1996, Скопје.
на 5 Февруари 1910 починал Костадин Иванов Дробенов, познат како Дине или Динката — македонски револуционер учесник во македонското револуционерно движење и деец на Македонската револуционерна организација. Дине Дробенов е роден во Трлис, тогаш во Отоманското Царство. Се приклучува во редовите на ВМОРО и првично е четник при Гоце Делчев, а потоа кај Атанас Тешовалијата. На 8 јули 1908 година во Ковачевица го убива поранешниот војвода Петар Милев, кој влегува во конфликт со Јане Сандански. Дробенов и уште 5 лица се осудени на смрт. Подоцна по протестот на бугарскиот конзул во Солун, пресудите на сите, без Дробенов, се заменети со доживотен затвор. Дробенов е обесен од турските власти на Ат пазарот во Сер на 5 февруари 1910 година
Беше тоа на 5 Февруари 1959 кога е роден Гоце Коларовски, истакнат композитор, научник, општествен деец, професор и декан на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Умре во 2006 година.
На 5 Февруари 1964 родена е Стојна Вангеловска. Со голем успех настапуваше за кошаркарската репрезентацијата на поранешна Југославија, беше прогласена за еден од најуспешните тренери во Црна Гора бидејќи на својот клуб Единство од Бело Поле му донесе две титули, шампион на Црна Гора и победник на Купот, играше и во финалето на Јадранската лига.
Беше тоа на 5 Февруари 1972 кога е родена Наташа Мешковска. Од долгиот список на успеси, ќе издвоиме само дека таа е забележана во македонската спортска историја како прва пливачка од Македонија која има освоено државни титули Првенка и рекордрка на СФРЈ на 200 м. пеперутка. Учествувала на 3 универзијади, 1 медитерански игри, 3 европски првенства, 3 светски првенства и на 3 летни олимписки игри.
