4 февруари
Беше тоа на 4 Февруари 1815 во Осиек е роден Јосип Јурај Штросмаер, бискуп, политичар, културен деец, основач и покровител на Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб, и втемелувач на хрватскиот универзитет. Се стремел кон обединување на Јужните Словени во рамките на Австрија. Во 1861 година со негова помош, во Загреб бил објавен Зборникот на народни песни од браќата Миладиновци. Умрел во Ѓаково, на 8 април 1905 година.
На 4 Февруари 1872 во Кукуш е роден Гоце Делчев, меѓу првите револуционерни синови на македонскиот народ. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја НО борба на македонскиот народ, тој ја обиколи цела Македонија. Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледаа најголем непријател и се обидуваа на секој начин да го ликвидираат. Така, на 4 мај 1903 година, во борба против османлиската војска во селото Баница, Серско, во егејскиот дел на Македонија, загина великанот Гоце Делчев.
Беше тоа на 4 Февруари 1931 кога е роден Благоја Иванов македонски писател роден во Скопје. Бил соработник, уредник и главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје и директор на Телевизија Скопје како и професор на Факултетот за драмски уметности. Бил уредник на списанието „Млада литература“ и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член на Македонскиот ПЕН центар. Бил претседател на Друштво на писателите на Македонија. Член на ДПМ од 1958 година. Добитник на наградите: „1 Мај“, на Недела на радио драмата на ЈРТ, „Рациново признание“, „Кочо Рацин“.
На 4 Февруари 1944 Во селото Никодин (прилепско) бугарската полиција и единиците од прилепскиот гарнизон ја нападнале Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада која марширала кон областа Азот. Бригадата со противнапад го повратила селото нанесувајќи му на непријателот губитоци од околу 20 мртви.
Беше тоа на 4 Февруари 1946 кога во Скопје е роден Мето Спасовски запеметен како еден од најголемите мајстори со фудбалската топка, во периодот по катастрофалниот земјторес, кој го погоди нашиот главен град. Во дресот на Вардар, дебитира во сезоната 1962/63 и останува верен на клупските бои во наредните 12 години. Со своите 647 настапи (375 првенствени) и 212 погодоци, се наоѓа на второто место на вечните вардарови листи, според бројот на одиграни натпревари и постигнати голови.
На 4 Февруари 1947 е роден Велија Рамковски. Работел во неколку општествени претпријатија во Скопје од 1972 до 1990 година, а потоа ја формирал приватната фирма во СФРЈ „Унипроком“ во Скопје, 1990, која за своето успешно работење ја добила сојузната награда на Стопанската комора на Југославија. Наскоро потоа ја формирал и првата приватна Телевизија А1 (1992). Мошне успешен е и новоформираниот синџир продавници „Хедис“ (формиран 2006). Бил сопственик и на весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е Ре“. Во декември 2010 година бил уапсен и задржан во притвор. Осуден е на 13 години затвор. Во август 2017 година, по речиси седум години поминати во затвор, Велија Рамковски излезе на слобода.
Беше тоа на 4 Февруари 1990 кога во Скопје е основано Движењето на семакедонската акција (МААК). За претседател е избран Гане Тодоровски.
На 4 Февруари 1994 државниот секретар за соработка и развој, Ерик Дерике, во белгискиот Сенат изјави дека белгиската Влада донела одлука за воспоставување на дипломатски односи со Република Македонија.
Беше тоа на 4 Февруари 2004 кога почина Стево Црвенковски режисер, политичар и Министер за надворешни работи на Република Македонија во периодот од 1993 до 1996 година. Работел и творел како филмски автор во „Вардар филм“. Во 2002 година бил избран за потпретседател на Владата на Република Македонија. По ова работел и како советник на тогашниот претседател Киро Глигоров. Во 1997 година станал амбасадор на Република Македонија во Лондон.
На 4 Февруари 2013 избувна пожар во манастирскиот комплекс од 13 век – „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец. Огнената стихија многу брзо почанала да се шири. Ова е трет познат катастрофален пожар што го зафатил манастирот во минатото. Последниот се случи во 1990 година кога целосно изгореа конаците. Трекавец е еден од најголемите манастирски комплекси во Македонија и светски познат споменик на културата.
Беше тоа на 4 Февруари 2013 кога по кратко боледување почина Љубе Цветановски, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, долгогодишен уредник и директор во Македонската телевизија. Љубе Цветановски е роден во Слоештица во 1949 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет, а магистрирал на Институтот за литература при УКИМ, на тема „Народната култура во документарниот филм”. Бил новинар во Македонското радио, како и долгогодишен уредник, а во еден мандат и директор на Македонската телевизија. Во последните четири години беше професор по Документарен филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Сојузот на новинари на Македонија. Автор е на книгите поезија „Време е да се биде дома”, „Наталожен сомнеж” и „Престапна година”, а коавтор е на антологијата на млади македонски поети под наслов „Љубов и мајстори”
На 4 Февруари 2015 почина македонскиот ликовен уметник Трајче Јанчевски. Од 1955 до 1957 год. работел како професор по ликовно образование во Куманово. Во периодот 1964-1965 бил на специјализација во Париз. Од 1957 до 1988 год. работел како сценограф во Драмскиот театар во Скопје, а извесен период и како вонреден професор на Педагошката академија.
