домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Национален парк Галичица

АванТуризам – Национален парк Галичица

. Националниот парк Галичица се наоѓа во југозападниот дел на земјата и ги дели Охридското и Преспанското Езеро. Зафаќа поголем дел од планината Галичица (22.750 хектари) и е прогласен во 1958 година заради особените природни убавини и карактеристичниот растителен и животински свет на шумите и шумските предели. Се одликува по положбата што ја зазема меѓу двете езера, потоа, по разгранетата орографија и интересните геоморфолошки облици (длабоки долови, разни видови на карстни форми и леднички земјишни облици). Националниот парк Галичица особено се истакнува по големото флористичко богатство. Тука допираат ареалите на голем број видови растенија, претставници на различни флорни елементи, од коишто некои овде ја достигнуваат северната, односно јужната граница на своето распространување, или пак источната или западната граница. Наоѓалиштата за некои од растителните видови на Галичица се единствени за територијата на Македонија. На територијата на паркот се застапени 37 растителни заедници, од кои 20 се шумски. Националниот парк Галичица претставува класично наоѓалиште за 20 видови виши растенија (Cormophytae) од коишто 12 видови се познати само за планината Галичица и за крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро и претставуваат локални ендеми. Од фаунистички аспект, на подрачјето на националниот парк Галичица регистрирани се 26 ендемски видови. Посебно е интересна бројноста на пеперудите – 1.644 видови, што претставува огромна концентарција за толку мал простор. Според бројната застапеност на 30 видови водоземци и влекачи, Националниот парк Галичица е приближно на исто ниво каква што е застапеноста на херпетофауната на целата територија кај некои од средноевропските земји (Германија, Швајцарија, Австрија и др.). Класата птици на Галичица е застапена со 266 видови, што претставува 84% од вкупната македонска орнитофауна, додека пак бројноста на цицачите (51 вид) претставува 62% од вкупната фауна на цицачи во Македонија.

Ден 18 април 2025

00:01:17