Љубански карневал – Прочка
Во скопското село Љубанци се одржува традиционалниот карневал по повод празникот Прочка. Карневалот го организира Здружението за заштита на културното наследство „Љубански карневал – Прочка“. Според Здружението, карневалот има вековна традиција, а потекнува од паганскиот период. Жителите на село Љубанци успеале да го одржат во различни облици, со многубројни обичаи, зачувувајќи ја притоа автентичноста. Оваа традиција е стара со векови, за почит е како историска реткост во овие краишта, има своја специфична содржина и се разликува од сите карневали што се одржуваат на територијата на нашата држава. Почетоците на овој карневал се уште во паганскиот период, а главна цел било протерувањето на лошите духови од овие простори. Овој карневал денес има поинаква содржина, но, секако, и ја задржува автентичноста од паганскиот период, со што на него можеме да го видиме целокупното историско минато на нашиот народ, а, исто така, и денешницата што ја живееме. Можат да се видат традиционалните маски, кои секоја година се подготвуваат: свадба со невеста, младоженец и сватови, потоа комити, како и луѓе облечени во кожа со прапорци. Самите жители си ги подготвуваат маските, а Здружението за заштита на културното наследство „Љубански карневал Прочка“ помага за групните маски: свадбата, комитите и луѓето облечени во кожа. Карневалот завршува во училиштето „Гоце Делчев“, каде се избира најубавата маска. Љубанци е оддалечено 18 километри северно од градот Скопје. Атарот кој зафаќа 24,1 км² и се издигнува преку планината Скопска Црна Гора се до Општина Липково. Низ селото протекува Љубанската Река која е притока од која настанува реката Серава. Соседни села се Љуботен на исток и Побожје на запад, со кои е поврзано со асфалтен пат. Во Љубанци работат три продавници и уште неколку дуќани со угостителско-услужна дејност, како и мелница-млин за жито ипроизводство на брашно.Во селото Љубанци постои познатиот Љубански манастир посветен на Свети Никола и црквата Св.Богородица.
