домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Василица во село Орашац и Џамаларскиот обичај

АванТуризам – Василица во село Орашац и Џамаларскиот обичај

Додека за Василица која се празнува на 14 јануари карактеристични се обичаиите кои ги изведувале џамаларите, особено во село Орашац, кое се наоѓа на околу 12 киломери оддалеченост од центарот на градот. Во ова село, како што кажуваат жителите, сѐ уште се обидуваат да ја сочуваат оваа традиција на која ѝ се заканува изумирање. Тие подготовките за одлежување на овој ден ги прават една недела пред празникот Василица, а и тие како и сироварите собирале повеќе производи, но со парите соберени од продаденото се купувало некој подарок за спомен, а останатите пари се давале на црквата или месната заедница. Како што велат жителите на село Орашац и кај нив џамаларите се маскирале и се кажувале шегобијни песни, за кои знаат дека Господ ќе им прости, затоа што се во функција на сочувување на некогашната традиција и развеселување на човековото срце полно со грижи. Џамаларскиот обичај може да се сретне под многу имиња како: во Тиквешијата, Скопско поле, Жеглигово, Железник, Козјачија, Малешево – бабари, во Охридско, Струшко, Дримкол – василичари, во Егејска Македонија – ешкери, во околината на Струмица – суровари, кај Мијаците, во Пијанец, Малешево, Преспа, Дебарца – сурати, во Кичевија – странци, во Мавровско поле – бубачки и в’мпери, во Прилеп и Бабуна – мечки или мечкари, во Мариово – камилари, камилџии или древло сирма.

Џамаларскиот обичај се изведува во периодот од тринаесетти до осумнаесетти јануари. Учесниците кои се собираат во голем број се мажи и нивната игра, поточно нивната поворка се изведувала исклучиво преку ден. Карактеристични маски кои се користеле во ова игра поточно во овој обичај се: дедо, баба, девојки, момчиња, доктор, невеста, а во поново време може да се сретнат и свекрва, кумови. Во секое село џамаларите имаат свој водач наречен јаудија, кој секогаш бил оженет – домаќин човек. Наутро сите се собирале кај својот домаќин, кој се избирал претходно и кај кого се подготвувале за големиот настан. Тука ги облекувале своите маски како на пример: дедото бил облечен во стара искината облека, носел брада и мустаќи од волна или од стара исушена брада од пченкарни кочани, на главата носел капа од кожа, а на нозете и на половината му се закачувале клопотарци (ѕвонци) во рацете држи кросно. Бабата е облечена во женска облека, под шамијата носи плетенка исплетена од слама, а во рацете носи ќудела со која ги тепа синците и дедото во текот на играта. Коњот е облечен во стари алишта и кожуви превртени наопаку, со коњски зобник или со некоја стара торба на глава, на нозете му се наврзани парчиња од стари облеки или кожуви превртени наопаку, а на вратот и на телото му се закачени ѕвонци. Понатаму играта се изведува со грабнување на некое девојче од страна на момчињата, но дедото го чува девојчето и не им дозволува на беќарчињата да го грабнат и во меѓувреме фрла по нив со пепелта која Што ја носи во торбата. Следниот чин е умирањето на старецот, чија смрт е предизвикана со удар од стап од беќарите, од бабата или пак смртта е предизвикана од борба помеѓу двајца старци. На некои места умирањето на старецот е прикажано со умирање на коњот кој за да оживее морал да биде даруван од страна на домаќинот. Откако умрениот ќе го добие тоа што сака тој оживува и играат уште едно оро со кое се збогуваат и одат во друга куќа. Потоа џамаларите одат во сите куќи и откога ќе го свртат целото село тие се збираат во куќата на домаќинот и ги делат продуктите. Денес џамаларската игра е преработена во забавен и комерцијален карактер. Поточно се прават разни карневали кои се темелат на џамаларските игри што се правеле некогаш.

Ден 18 април 2025

00:01:17