домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Бабарите и Русалиите - Карневали во Македонија

АванТуризам – Бабарите и Русалиите – Карневали во Македонија

Заедничката особина на Бабарите и Русалиите е во тоа што се играат во периодот на Некрстените денови и со тоа ја збогатуваат нивната бурна и неизвесна стварност. Со оглед на постоењето на повеќето имиња во врска со бабарските игри ќе се задржиме на именувањето на оваа игра како Џамала, обредна магиска игра што се изведува за време на некрстените денови со цел да се изгонат разните лоши духови. Самиот збор џамала, нè упатува на нејзиното древно потекло дојдено до зборот „џама“ што според индиската митологија означува човек или бог на мртвите во подземниот свет. Второто значење одговара на симболиката на овие игри бидејќи во ова време спаѓа и празникот на душите — некрстените денови, кога тие слободно шетаат по светот и се веселат. Оваа игра е позната низ цела Македонија само што насекаде се наречува различно: во Тиквешијата Џаламари во Прилепско и Битолско-Бабари, во Охридско Василичари, додека во Егејска Македонија се наречуваат Ешкари. Присуството на народната драма во играта Џамала или во Бабарските игри, најзаокружено функционира од самиот почеток на нејзината подготовка: „Се собира во едно село тајфа-дружина од 30- 50 души кои знаат поубаво да се шегуваат т.е. кои имаат дарба за таа работа. Тие се собираат во една куќа одвечер, најчесто спроти Нова година. Од тајфата се избираат четворица најдобри „маскирџии“, т.е. луѓе кои имаат смисла за хумор. Меѓу нив се избираат „двајца старци“ и „две жени“ — невеста и орвана, односно двајца помлади мажи кои ќе ги изведуваат овие улоги. Другите играчи претставуваат деца или војска. Откако ќе се определат улогите на четворицата главни играчи, се облекуваат во специјална џамалџиска премена: старците во постарска машка облека искитени со разни ѕвонци и клопотарци, невестата и орваната во женска премена — невестинска и постарска женска носија. Џамалџиите — старците за да изгледаат што пострашни и смешни се маскираат во грбави и грозни луѓе. По лицето се исцртуваат со „горовина“. Си ставаат мустаќи и брада т.е. перика од коноп. Се облекуваат во гуњи и тумани и тоа поискинати. Околу појасот опашуваат ремен или врвка прикачувајќи клопотарци и ѕвонци и ставајќи слама под гуњата за да изгледаат грбави. На појасот ставаат уште и некое дрво што им служи наместо шупелка или пиштол. Во рацете држат кросно или патерици за чукање по куќите при џамаларењето. Некои села имаат и своја одделна џамалџиска промена која се чува во текот на целата година. Меѓу нив се одбираат двајца кои ќе свират за време на џамаларањето. Најчесто се свири на гајда и шупелка и наместо на тапан удираат на тенеќе. Доаѓањето на џамалџиите се слуша оддалеку бидејќи тие прават голема врева. Оддалеку се слушаат џамалиџиските песни. Потоа се одвива вистинска театарска процесија која во својата функција на извежбаност на дијалозите, репликите и физичките дејствија ја остварува својата драмска окосница: „Потоа невестата му бакнува рака на домаќинот кој од своја страна побарува од домашните трпеза и сукало и сучи баница, односно прави гестови како да сучи баница за својата дружина — војска. Орваната ги мери ракавите на другите актери а тие пак три пати го завртуваат огништето со ситното оро. Потоа настанува голема „драмска расправа“ над „убиениот старец“ со подробни шеговити описи на сите делови на неговото тело. Од деловите на колената на „умрениот“ се препорачува да се направат балвани за бочви, градите — самар за магаре, рацете — кривулицн за брапа, устата-ќупче за нужда, туте, очите — виделца, носот — масолник, цревата — тетива, полниот орган бастумче за кметот, како најпочесен член во селото“.Интересно е дека две бабарски групи не смееле да се сретнат бидејќи настапувала голема тепачка во која не се заминувало без жртва. И овој момент доаѓа како поткрепа на нивната далечна древност која со векови се одржувала и која дури кон крајов на нашиов век исчезнуваат пред напливот на цивилизацијата, денес.

Ден 18 април 2025

00:01:17