Струмичкиот карневал е годишен карневал што се одржува во Струмица и е еден од најзначајните обичаи и традиции од таков вид во Македонија, којшто отишол можеби најдалеку во својата трансформација од сите традиционални игри под маски, како по времето на одржување, така и по својата цел и функција. Струмичкиот карневал се одржува традиционално секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост, а и самото име „карневал“, (лат.c a r n e – месо и v a l i – збогум, односно „збогум месо“), нѝ асоцира на почеток на пост, а во овој случај тоа е Велигденскиот пост. За карневалот во Струмица се смета дека е многу долга традиција. Тој бил споменат од страна на познатиот отомански патописецот Евлија Челебија уште во 1670 година. Тој, минувајќи низ Уструмџа, запишал: …Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа писок и песна… што јасно укажува на можноста дека се работи за тримерските карневалски свечености во Струмица. Во 1995 година Струмица со својот карневал се вклучила во големата фамилија на карневалските градови во светот, односно била примена во FECC – Здружение на европски карневалски градови, а во 1998 година Струмица била и домаќин на Конгресот на оваа светска асоцијација. Во 2018 година, следејќи се по обичајот во други карневалски градови во светот, било воведено „предавање на клучот на општината“ од страна на градоначалникот на Струмица на организациониот одбор на карневалот, симболично укажувајќи на тоа дека градот сега е „под управа на карневалџиите“. Исто така, заедно со знамињата, осумте дена додека трае карневалот, се вее и знамето на Струмичкиот карневал.
