7 септември
Настани:
1913 започнало Охридското востание. Имено, во Долен Дебар, синот на еден албански првенец Селман Али при една расправија во еден дуќан бил убиен од група српски војници и офицери. До вечерта веста за убиството на младиот Албанец се раширила по целата околија, а таткото на убиениот, Селман Ага во момент на очај и во желба за одмазда набргу собрал околу 300 души од своите приврзаници и на седми септември го нападнал дебарскиот одред од 200 српски војници со што започнало востанието.
1944 година единиците на Деветата македонска бригада го ослободија Кавадарци.Тој убав есенски ден, кој долго време бил очекуван од кавадарчани бил организиран митинг на кој говореле Најдо Стаменин-Орлов, командант на бригадата и Ристо Сtојанов-Железни, политички комесар. Долго очекуваната слобода е многу скапо платена. Во текот на војната загинале 333 борци и жртви на фашистичкиот терор од општина Кавадарци, а тројца од нив се прогласени за народни херои. Моштите на загинатите и борците се наоѓаат во Спомен костурницата во Градскиот парк.
1944 Во Лисиче, Велешко, беше формирана 42. дивизија на НОВЈ (Македонска), составена од Третата, Осмата и Дванаесеттата македонска НО бригада. При формирањето броеше 1,300, а набрзо потоа 4,136 борци. Раководители: командант Коста Јашмаков-Јашмак, политички комесар Боро Чаушев-Странџата
1992 Белорусија ја призна Република Македонија, а истовремено донесе одлука за воспоставување на дипломатски односи меѓу двете земји.
1993 Во Скопје е пуштена во работа меѓународната телекомуникациона врска меѓу Република Македонија и Република Бугарија, на релацијата Скопје-Софија.
1997 Во Скопје е отворен првиот „Мекдоналдс“ во Македонија.
Родени:
1947 Авни Енѓулу македонски поет роден во Скопје. Завршил Педагошка гимназија во Скопје. Работи како уредник во Македонското радио. Член на ДПМ од 1976 година. Автор е на книгите: Првенец (поезија, 1972), Под врбата (раскази, 1974), Мете (поезија за деца, 1983), Четирите годишни времиња (поезија за деца, 1984), Човек ли си, што ли си (поезија, 1985), Недоречени мисли (поезија, 1993).
1948 Ленче Милошевска е родена во Скопје. Завршила Филолошки факултет, група англиски јазик и книжевност, во Скопје. Работела како уредник во издавачките куќи „Култура“ и „Македонска ннига“ во Скопје. Член е на ДПМ од 1999 година. Милошевска е авторка на книгите: Жедната земја моја (поезија, 1992), Кадилница на денот (поезија, 1996), Кумова слама (роман, 1997), Камени пораки (поезија, 1999), Три жени во три слики (роман, 2001), Сатанска печурка (роман, 2008), Одложена мисла (поезија, 2009), Аксиос ги дели приказните (роман 2010), Зборот е светлина (поезија, 2015), Шех Вардар (раскази, 2017), Недопрени бисери (раскази и блиц приказни, 2020). Има направено повеќе од дваест книжевни преводи и добитник е на наградите: „Божидар Настев“, „Ванѓа Чашуле“. Во 2019 година ја добила наградата на „Нова Македонија“ за краток расказ.
1965 Дарко Панчев македонски фудбалер роден во Скопје, поранешен југословенски и македонски фудбалер кој се смета за еден од најголемите македонски фудбалери на сите времиња. Добил златна копачка за најдобар напаѓач во Европа со 34 постигнати гола и на црвено-белите, а воедно дал голем придонес за освојување на лигата на европските шампиони во 1991 година. По неуспешната одисеја во Интер Милано преминал во уште неколку европски клубови како Локомотив Лајпциг, Фортуна Диселдорф и ФК Сион кога во 1997 година на само 32 години ја завршил невпечатливо својата кариера. Денес тој живее во Скопје и води мирен живот. По завршувањето на фудбалската кариера определен период се повлекол од активности поврзани со фудбалот, а неколку години подоцна се јавил како функционер во Македонија Ѓорче Петров а подоцна и во ФК Вардар но на тој план не забележал некој позначаен успех.
Починале:
1932 Аргир Манасиев македонски револуционер. Манасиев завршил француски колеџ во Солун и потоа учителствувал во Ново Село и Негован, Солунско, Смоквица, Гевгелиско и градот Гевгелија. Привлечен е од Гоце Делчев во редовите на ТМОРО. Активно учествува во создавањето на нови комитети и проширување на мрежата на Организацијата. Откриен од турските власти во 1901 година станува нелегален. Војвода е на чета во Гевгелиско. Учествува во Илинденското востание и заедно со Сава Михајлов организираат диверзија на железничкиот мост на Вардар крај Гевгелија. Се истакнал како цврст противник на грчката вооружена пропаганда. Делегат е на Рилскиот конгрес од солунскиот округ. По 1906 година емигрира во Софија, а по Младотурската револуција се враќа во Гевгелија. За време на Првата балканска војна е на чело на чета, а од 1913 година живее во Струмица, каде е околиски управител. По крајот на Првата светска војна, од 1919 година до крајот на својот живот живеел во Горна Џумаја.
1943 загинал Јосиф Јосифовски –Свештарот, македонски деец и народен херој. Како студент на Правниот факултет во Белград станал член на КПЈ (1937). По дипломирањето (1940) бил адвокатски приправник во Струмица и инструктор на ПК на КП во Македонија (1941). Познат под псевдонимот Ѓорче Свештарот, тој во Народно ослободителната и антифашистичка војна во Македонија НОАВМ дејствувал, главно, во Преспа и во другите реони под италијанско-албанска окупација. Бил уапсен од италијанската полиција (1942), но успеал да избега. Бил политички комесар на НОПО “Даме Груев“, на првиот НО баталјон “Мирче Ацев“ и на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ. Загинал во борба со германските сили и балистите. Прогласен е за народен херој на Југославија (11. X 1951). Опеан и во неколку народни песни.
1989 Во Скопје умре Борис Атков, македонски борец во Шпанската граѓанска војна (1936-1939) и учесник на Првото заседание на АСНОМ. Голем е неговиот придонес во развојот на културата и филмот во Македонија. Роден е во Скопје, во 1904 година.
Празници:
светски ден на чистиот воздух.
