КУКЛИЦА
Камени Кукли се карпести образби кај с. Куклица, Кратовско, на десната долинска страна на Крива Река, поточно на еродираниот дел од нејзината речна тераса, на надморска височина од 415-420 метри. Целата појава е распространета на површина од околу 0,3-0,4 км2, при што се утврдени околу 120 помали и околу 15 поголеми образби. Камените кукли во овој простор се природна појава настаната со долготрајната ерозија на вулканските карпи со различна отпорност: игнимбрити, андезити и туфови. Вака заштитени, туфовите заедно со карпестиот блок на врвот, остануваат да штрчат во релјефот во вид на остенци и столбови, односно земјени пирамиди. Во меѓувреме, долготрајните атмосферски влијанија (врнежите, температурните промени, ветрот) ги доизградиле, моделирале, модифицирале и затоа тие имаат така карактеристичен облик. Овиета процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, така што некои земјени пирамиди постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, пирамидите перманентно го менуваат својот облик, само што тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година. Легендата вели дека многу одамна во селото Куклица се случила голема трагедија. Момчето, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Кога дошол свадбениот ден, навидум се било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Селаните го викаат местото „Весела свадба“ зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети „кукли“, и местото го добило своето име – Куклица.
