28 декември
Беше тоа на 28 Декември 1895 кога во Париз, во просториите на „Гранд кафе“, браќата Луј и Огист Лимиер, организираа прва филмска проекција. Тоа беа првите „подвижни слики“ во историјата, кратки филмови. Оваа филмска претстава предизвика воодушевување кај публиката и се смета за датум на раѓањето на кинетомаграфијата. Само десет години подоцна, битолските браќа Манаки, Јанаки и Милтон, го снимија првиот филмски кадар на Балканот.
На 28 Декември 1943 во селата Прждево и Клисура, кај Неготино, партизанскиот баталјон „Страшо Пинџур“ ги нападна германските делови за врска и деловите за противавионски извидувања. По куса борба кај селото Прждево, загинаа седум германски војници, додека нападот врз селото Клисура, не успеал поради интервенција на бугарските единици од Кавадарци и Демир Капија.
Беше тоа на 28 Декември 1944 кога во Скопје почна тридневната работа на Второто (вонредно) заседание на АСНОМ кое траело до 30 декември. Во документите е познато како Прво вонредно заседание поради деловникот според кој редовно заседание на АСНОМ се свикувало на 6 месеци (а од првото историско заседание одржано на 2 август-Илинден-1944 поминале само четири и пол месеци), но сепак, според својата суштина ова било второ редовно заседание.
На 28 Декември 1944 Во Скопје почна да работи Радио Скопје на куси бранови од 50 метри на македонски јазик. Првата емисија што ја емитуваше беше преносот од Второто (вонредно) заседание на АСНОМ.
Беше тоа на 28 Декември 1997 кога долготрајните недоразбирања во Австралиската епархија на МПЦ, во Мелбурн, кулминираа и со масовна тепачка меѓу приврзаниците на спротивставените страни пред редовната богослужба во МПЦ „Свети Ѓорѓи“ и „Пресвета Богородица“, во мелбурнското предградие Епинг.
На 28 Декември 1961 во селото Жилче, Тетовско, е роден Бошко Ѓуровски, македонски и југословенски фудбалер и тренер. Својата кариера ја започнал во ФК „Тетекс“ од Тетово, а настапувал и во ФК „Црвена Ѕвезда“ и ФК „Сервет“. По крајот на својата играчка кариера, работел како тренер и асистент во повеќе клубови, а од 1 јануари 2014 до 7 април 2015 година бил селектор на фудбалската репрезентација на Македонија.
Беше тоа на 28 Декември 1988 кога во Прилеп почина Рампо Конески, еден од доајените на театарската уметност во Македонија, прв директор на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Роден бил во 1916 година.
На 28 Декември 2001 почина Џемаил Максут — македонски театарски и филмски глумец. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата за англиски јазик во 1964 година. Бил член на Турската драма во Театарот на народностите во Скопје од 1953 до 1991 година, кога и се пензионирал. Има забележителни постигнувања и на филмското платно, како и на сцените на други театри. Починал во Скопје на 28 декември 2001 година. Во јавноста, Максут е најзапаметен како Црна Арапина, соперникот на јунакот Крали Марко.
Беше тоа на 28 Декември 2001 кога почина Атанас (Ацо) Петровски — македонски филмски режисер и продуцент. Од 1945 година вршел одговорни функции во конституирањето на македонската кинематографија. Тој е еден од организаторите на првата македонска независна филмска продукција ФРЗ во 1968 година. Во 1976 е именуван за прв директор на Кинотеката на Македонија, каде што останува до пензионирањето во 1985. Режирал околу 20 документарни филмови, меѓу кои и: „Велигденски адети“ , „Галичка свадба“, „Стара чаршија“ , „Дервиши“ и „Тенда“ .
На 28 Декември 2010 во Скопје почина Атина Бојаџи македонска маратонка во пливање. Уште на 11 годишна возраст успеала да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки. Таа е најмладиот шампион на охридскиот маратон. Била светски шампион во Маратонско пливање на слатки и солени водиво 1962г. Врв во нејзината пливачка кариера е препливувањето на ЛА МАНШ на 9 септември 1969 и со тоа останува единствената македонка која го остварила овој успех.
Беше тоа на 28 Декември 2020 по долго боледување во Скопје, почина Негово Високопреосвештенство Поранешниот Митрополит Европски Горазд. Роден е во Стрезовце, Кумановско на 21 септември 1934 година, со световно име Богољуб Димитриевски. По ракополагањето во презвитерски чин, бил поставен за парохиски свештеник при храмот „Света Петка“, а подоцна и во храмот „Свети великомаченик Георгиј“ во Чаир, во Скопје. Откако овдовел, бил замонашен во манастирот „Свети великомаченик Георгиј” во Криви Дол, добивајќи го името на еден од учениците на светите браќа Кирил и Методиј – Горазд. На 26 јули 1977 година бил хиротонисан за викарен епископ на архиепископот Доситеј, со титула епископ тивериополски. Администрирал со Преспанско-битолската и со Злетовско-струмичката епархија. По поделбата на Злетовско-струмичката епархија, станува Струмички митрополит. Во 1994 година, со формирањето на Европската епархија назначен е за прв митрополит на епархијата каде што останува сè до неговото повлекување во 2006 година. Неговото вечно почивалиште се наоѓа во манастирот „Св. пророк Илија“ – Чардак, кај с. Мирковци, Скопска Црна Гора.
