20 декември
Настани:
Беше тоа на 20 Декември 1582 кога е воведен грегоријанскиот календар
На 20 Декември 1902 во Крушево е роден Васил Иљоски македонски писател. По дипломирањето, Иљоски работел како суплент во кумановската гимназија, но набрзо бил преместен – повеќе од казна – поради извесни обиди низ книжевните текстови да проговори на македонски јазик. По ослободувањето, Васил Иљоски извршувал неколку раководни функции во просветата: бил директор на Првата гимназија, работел во Народната библиотека, а потоа работел и се пензионирал како професор во Вишата педагошка академија во Скопје. Некаде во 1926 година, Иљоски ја започнал работата над своето прво посериозно драмско дело со првично име „Бежанка“. По две години, текстот веќе бил подготвен за изведба на сцената на “Скопскиот народен театар”, но овој пат со ново име – „Ленче Кумановче“. Драмата била напишана и изведена на кумановски дијалект, а нејзината премиера се одржала на 16 јуни 1928 година. Васил напишал уште неколку драмски текстови, како: „Нагазил човекот“ („Нагазио човек“), „Биро за безработни“ и „Ученичка авантура“. Овие три текстови била напишани на српски јазик со намера да ги избегне проблемите со власта. Комедијата во 3 чина „Нагазил човекот“, уште позната како „Чорбаџи Теодос“, била премиерно изведена на 23 април 1937 година во превод на скопски дијалект. По Втората светска војна, Иљоски бил еден од основачите и првите членови на Друштвото на писателите на Македонија и на МАНУ. Бил член на редакцијата на списанието за литература, култура и уметност „Современост“.
Беше тоа на 20 Декември 1909 кога е роден Андон Дуков, резбар од првата генерација на современи македонски уметници, воедно и сликар и борец во НОБ. Дуков е роден во Охрид на 20 јануари 1909 година. Во родниот град завршил копаничарско училиште, а во Белград студирал на Уметничката академија. Работел како учител по цртање во гимназијата во Врање. Во 1941 година, по капитулацијата на Кралството Југославија, се вратил во Охрид каде се вклучил во борбата против бугарската окупација. На 27 ноември 1941 година е осуден во отсуство на 12 и пол години затвор. Умрел од измрзнување во февруари или март 1944 година на планината Кожуф.
Беше тоа на 20 Декември 1915 кога во Прилеп е роден Илија Џувалековски македонски театарски, филмски и телевизиски глумец, режисер и педагог. Пред Втората светска војна студирал Музичка академија во Белград. Во август 1944 година заминал на Вис каде под раководство на Вјекослав Африќ настапувал во Театарот на Народното ослободување. Во 1945 година се вратил во Македонија и се решил за глумечка кариера. Првите успеси ги постигнал во Македонскиот народен театар во Скопје. Во 1964 година заминал во Загреб каде настапувал за Хрватскиот народен театар, а од 1967 ја водел катедрата за глума на македонски јазик при Академијата за театар, филм и телевизија. Во Скопје се вратил во 1972 година и продолжил со својата педагошка работа на Факултетот за драмски уметности, а истовремено и со својата глумечка кариера, како на домашната, така и на меѓународната сцена.
На 20 Декември 1923 во Штип е роден Ацо Шопов, истакнат македонски писател и академик. Тој е еден од основоположниците на модерната македонска литература. Неговата прва книга стихови “Песни” објавена е во 1944 година. Меѓу другите познати дела се “На Грамос”, “Стихови за маката и радоста”, “Слеј се со тишината”, “Ветерот носи убаво време”, “Небиднина” и други. Покрај писателската дејност тој беше уредник на книжевните списанија “Иднина”, “Нов ден”, “Хоризонт” и “Современост”. Умре во Скопје на 20 јануари 1982 година.
Беше тоа на 20 Декември 1925 кога е роден Властимир Николовски – македонски композитор. По завршувањето на студиите во Белград, Николовски се вработил во Средното музичко училиште во Скопје, а потоа предавал на Педагошкиот факултет и на Високата музичка школа (подоцна, Факултет за музичка уметност) во Скопје. Покрај тоа, тој бил музички уредник во Радио Скопје, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија и на Сојузот на композиторите на Југославија. Во 1981 година бил избран за редовен член на МАНУ. Николовски бил еден од најплодните македонски автори на XX век, со околу 140 творби за најразлични состави. Исто така, тој се занимавал и со публицистика при што напишал над 30 статии во кои обработува проблеми главно сврзани со македонското музичко творештво.
На 20 Декември 1942 загинал Стеван Базеркоски – Лански ― револуционер, македонски партизан и учесник во НОВ. Стеван бил учесник во работничкото и комунистишкото движење и борец во првиот Прилепски партизански одред. Член е на СКОЈ од 1940 година, а на КПЈ од 1941 година. Од 1941 година работел на подготовките за оруженото востание во прилепскиот крај. Од октомври до декември 1941 година, се наоѓал во Прилепскиот НОПО „Гоце Делчев“. По расформирањето на одредот, работел во Скопје. Во мај 1942 година стапил во Прилепскиот НОПО „Ѓорче Петров“. Загинал во борба со бугарската војска и полиција, во близина на селото Прилепец.
Беше тоа на 20 Декември 1943 година кога со одлука на ГШ на НОВ на Македонија во Фуштани Егејска Македонија од баталјоните “Страшо Пинџур“, “Вториот баталјон на третата оперативна зона“ и еден бугарски одред е формирана Втората македонска ударна бригада. Со наредбата е формиран и штаб на бригадата: за командант Диме Туриманџовски Горски, зам. командант Лазар Калајџијски Добри, политички комесар Трифун Трифунов Балкански и за. Политички комесар Мито Хаџи Василев Јасмин. За своите заслуги во борбата против фашистичкиот окупатор (води повеќе од 200 успешни борби), бригадата е одликувана со Орден заслуги за народ со златна ѕвезда и Орден братство и единство со златна ѕвезда.
На 20 Декември 1992 починал Васил Хаџикимов. По окупацијата на Вардарскиот дел на Македонија од Србија завршува српска гимназија, во којашто уште од 8-ми клас се присоединува кон СКЈ. Уапсен е од српската полиција, заради распространуваната од него книга на Коста Новаковиќ „Македонија на Македонците! Земјата на земјоделците!“. Во текот на 1932 година Васил Хаџи-Кимов е член на групата Македонски народни студенти и соработувал активно со весникот „Македонско знаме“. По 1944 година Васил Хаџи-Кимов е уапсен од новата југословенска власт и во текот на февруари 1946 година, е осуден најпрвин на смрт со стрелање, а потоа казната му е заменета од Врховниот воен суд со 20 години затвор, од коишто отслужува само 11 во Затворот Идризово. По затворот, Хаџи-Кимов живеел во Скопје и работел во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“. Тој е автор и на книгите „Сончеви денови“ , „Унче и Димче – Пусто турско“, „Љубовни копнежи“ и други.
Беше тоа на 20 Декември 1993 кога Кралството на Шведска и Кралството на Норвешка воспоставија дипломатски односи со Македонија.
На 20 Декември 1994 Собранието на Република Македонија донесе одлука за избор на Владата на Република Македонија. За претседател на Владата е избран Бранко Црвенковски.
