Територијата на Република Македонија во текот на неоген се одликува со значајна вулканска активност. Одредени вулкански активности се следат од времето на олигоцен, миоцен, плиоцен, па сè до квартер. Во геолошката литература се издвојуваат следните области на згасната вулканска активност:
• Осоговско-малешевска вулканска област се протега од селото Луке на север преку Деве Баир − Тораница – Саса − Делчево − Пехчево. Вулканите се одликувале со лава, која по својот хемизам била од интермедијарен карактер. Како последица на вулканската активност и ерозијата многу ретко се сочувани прави вулкански купи. Како потипични во денешно време може да се споменат Буковик и Бело Брдо кај Пехчево. Староста на оваа вулканска активност е олиго-миоценска, а за оваа област е поврзана и минерализацијата на олово и на цинк во областите на Саса и на Тораница.
Буковик е вулканска купа сместена на 3 км североисточно од Пехчево, во состав на планината Влаина. Претставува единствена јасно изразена вулканска образба во тој дел од земјата. Има пречник од околу 3,5 км, а површина од 8 км2. Потекнува од горниот миоцен. Месното население ја смета за посебна планина. Од јужната страна е длабоко пресечена со долината на Пехчевска Река, а од северната ја сече изворишниот дел на Желевица. Истакнатоста на купата (во однос на околниот предел) изнесува 600-700 м, а највисок врв е Орловец (1.723 м). На исток од овој врв, преку благо седло, Буковик се поврзува со билото на планината Влаина и нејзиниот највисок врв Кадиица (1.932 м). Купата е сочинета од кварцлатити, но не се забележува јасна кратерска структура, но присутни се траги од лавини текови, особено кон западен правец. Пирокластичниот материјал најверојатно е однесен со речната ерозија.
• Кратовско-злетовска вулканска област е најголемата згасната вулканска област на нашата територија. Се простира меѓу планината Козјак на север, реката Брегалница на југ, Овче Поле на запад и Осоговските Планини на исток. Вулканските ерупции биле копнени и подводни и се одликувале со силна екпслозивна фаза со продукција на голема количина на лава и пирокластични материјали. Во денешно време во релјефот се истакнуваат повеќе поранешни вулкански купи (Злетовска, Маричанска и Црн Врв). Од поствулканските појави се познати: мофети, фумароли и термоминерални извори (Кочанска Бања, Боровиќ и др.). За оваа вулканска активност се поврзани и минерализациите на олово и цинк. Освен домашните и во последно време, странските бројни научници и истражувачи, за оваа природна атракција се интересираат и се поголем број на туристи. Меѓутоа, главен проблем на селото е неговата непристапност односно неговиот неизграден пат. До вулканските бомби на Горно Кратово, одалечено само 5 километри од крадот Кратово може да се стигне само со пешачење. Жителите на Горно Кратово спас гледаат во вулканските бомби и туристичката афирмација на селото. Тогаш веројатно би се вратиле и некогашните жители, па дури и би се добиле и нови.
