домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Вулкански топки во Кратово

АванТуризам – Вулкански топки во Кратово

Во околината на Кратово има на стотици вулкански топки или уште познати како вулкански бомби. Вулкански бомби претставуваат делови на лавата кои се откинати како вжештена тестеста маса и со ерупцијата исфрлени од кратерот. Поради движењето во воздухот тие задобиваат различни облици и форми. Во Природонаучниот музеј во Скопје се изложени вулкански бомби стари 15 милиони години, кои се пронајдени во атарот на селото Неокази крај Пробиштип. Најголемата бомба тежи околу 300 килограми, a хемискиот состав на бомбата треба се уште да се испитува. Според обликот и големината на бомбите, најверојатно се работи за вулкан во Кратовско – злетовскиот регион кој имал силни ерупции. Бомбите се природна реткост а пронаоѓањето на најмладиот вулкан, односно кратер на главниот кратер од Кратово т.н. вулкан Штрковец во близина на с. Шлегово. Тоа е најмлад вулкан, бидејќи денес во околината некогаш исфрлената магма се наоѓа во форма на топки, кои според структурата не се толку цврсти, повеќе личат на седиментни отколку на вулкански карпи. Овие топки на горната страна имаат кора која укажува дека се распаѓаат. Сепак најрепрезентативните вулкански бомби кои му даваат и специфичен облик на просторот во облик на микрорелјефни форми се вулканските бомби откриени во околината на Кратово, поточно во с. Горно Кратово кое се наоѓа на 4,5 km оддалеченост северно од градот. Староста на бомбите со оглед на вулканизмот во овој крај е олигоценска. Како поголема оаза на овие микрорелјефни форми можат да се сретнат во една линија која следи од местото наречено Орница во горниот дел се до зградата на мала филтерна станица во долниот дел од таа линија. Самата линија оди во должина од околу 200 – 250 m, а во широчина од 10 – 15 m. Самиот наклонет терен има јужна експозиција и се спушта во долината на Табачка Река која тука ја всекла својата речна долина. Горнократовските вулкански бомби претставуваат еден од најубавите природни мотиви, кои биле создадени во времето додека биле активни најголемите вулкани на Балканот. Локалното население ги користело за изградба на куќи од камен и за преградување на водите, а денес најчесто како украс. Вулканските бомби сеуште се неоткриени тајни на богатото кратовско подрачје. Вулкански бомби со пречник до 80 сантиметри и тежина до 200 килограми, се природна реткост во Горно Кратово. Тие биле создадени пред 20 – 30 милиони години, во времето кога еруптивната магма избивала на површината. Од вжештената лава, со температура од 1000 степени, исфрлената течна маса се разладувала за време на летот и од неа се создавале тела со совршена форма на топка. Се среќаваат со големина на јаболко, па се до пречник од 80 cm, а жителите велат дека можат да достигнат и тежина од 200 kg. Мерено од површината на земјата височината им достигнува до 1 m. На набљудуваниот простор ги има над 10 изразито големи вулкански бомби, а бројот на средните и мали по големина бомби е далеку поголем (над 150). Најчесто во природата можат да се најдат како единечни или по две бомби на едно место. Се среќаваат во неколку варијанти на топчести форми од правилна топчеста до јајцевидни и печуркаста форма

Ден 18 април 2025

00:01:17