14 декември
Беше тоа на 14 Декември 1938 кога е роден Игнатие Богдановски, македонски политичар, специјалист по стоматолошка протетика, редовен професор на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Од 1978 до 1998 година бил директор на Стоматолошкиот клинички центар, каде организирал собири во 1987 и 1991 и конгреси на стоматолозите од Македонија во 1994 и 1998 година. Од 1985 до 1999 година бил претседател на Македонското стоматолошко друштво. Бил и пратеник во Собранието на Македонија како претставник на СДСМ во составот од 1994 до 1998 година. Живее во Скопје. Публикувал прееку 130 статии.
На 14 Декември 1943 во Струмица е роден Мите Грозданов, македонска актерска легенда. Веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград во 1967 година, станал дел од Драмскиот театар Скопје, а една година подоцна, во 1968 година го добил највисокото театарско признание во Југославија „Златен ловоров венец“ за главната улога во претставата „Партитура за еден Мирон“ од Коле Чашуле. Своите режисерски амбиции ги остваруваше со драмските аматери на КУД „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија. Добитник на голем број награди за драмски остварувања. Почина во 2018 година.
Беше тоа на 14 Декември 1962 кога е роден еден од најуспешните боксери во неговата категорија, Реџеп Реџеповски, учесник на многу балкански, европски и светски првенства. Од 127 меѓународни натпревари победи на 116 натпревари. Освоил 10 златни, 3 сребрени и 41 бронзени медал.
На 14 Декември 1964 во Скопје, од едно импровизирано студио во Нерези и со една репортажна кола (по земјотресот на 26 јули 1963 година на Скопје му беа подарени стари репортажни коли од Велика Британија и од Италија), е емитуван првиот македонски ТВ весник на РТВ Скопје. Со тоа почна редовната програма на ТВ Скопје.
Беше тоа на 14 Декември 1983 кога во Скопје умре Иван Антонов, доајен на македонското радио и телевизиско спикерство. За сите генерации слушатели на Радио Скопје или гледачите на Телевизија Скопје, Антонов беше и ќе остане еден од ненадминатите спикери. Неговата спикерска дејност започнува од 1947 година. За својата работа и за извонредното залагање е одликуван со Орден на трудот со сребрен венец. Роден е во село Хума, Гевгелиско, на 1 мај 1924 година.
На 14 Декември 2017 Скопје беше прогласен за град со најзагаден воздух во светот. Во текот на ноќта и утрото нивото на загаденост беше и до 11 пати над дозволеното. Скопје стана далеку позагаден град од Калкута, Њу Делхи и другите градови од Индија и Кина Пакистан, Бангладеш и други, кои го држеа светскиот рекорд во загаденост на воздухот.
