Тиквешко Езеро — вештачко езеро на Црна Река 12 км југозападно од Кавадарци, односно 3 км јужно од селото Возарци. Езерото е настанато во 1968 година со преградување на кањонот на реката и со изградба на брана висока 104 м. Браната е изградена од нафрлан камен со глинено јадро чија должина изнесува 338 м. Вкупната должина на Тиквешкото Езеро при полн капацитет со вода изнесува 28,5 км. Вкупната зафатнина на водата во Тиквешкото Езеро изнесува околу 400 милиони м3, при максимална кота на акумулацијата од 265 м надморска висина. Езерото има три острови од кои најголем е Градиште со површина од 2,3 хектари, а другите два се мали и се во близина до брегот. Планинските масиви кои го оградуваа Тиквешкото Езеро се слабо зашумени, со исклучок на Мариовскиот дел и масивот Чатино, кои ја чинат десниот брег од горниот дел на езерото. Со изградбата на акумулацијата, на целото крајбрежје, се населија разни видови на езерски птици, од кои најмногубројни се: корморан, сива чапја, дивите бели галеби, преку зимскиот период – диви шатки. Исто така, на овој предел, посебно карпестиот, на планината Вишешница и Голема Рудина, можат да се сретнат разни птици грабливки и тоа: кањата (Neophron percnopterus), белоглавиот орел и брадестиот орел кои се во изумирање, потоа соколот, и други. Во Тиквешкото Езеро се констатирани повеќе видови риби. Изградбата на браната и хидроелектранта “Тиквеш” на реката Црна со своите два агрегати е завршена 1968 година додека останатие два агрегати се пуштени во погон 1981 година. На просторот на Тиквешкото Езеро постојат голем број на археолошки наоѓалишта, населби, манастири и споменици. Од античкиот период, на овој простор се откриени повеќе наоѓалишта, како на пример: Римските гробишта кај с. Клиново и населбата Црквиште. Од средновековните наоѓалишта, познати се: населбата Тиквеш, пештерската црква „св. Лазар“ во близина на утоката на реката Каменица во Тиквешкото Езеро, Полошкиот манастир „св. Ѓорѓи“, пештерската црква „св. Марко“ во близина на с. Драдња) и др. Во близината на селото Куманичево се наоѓа локалитетот Моминска карпа за кој постои легендата според која три девојки од селото Галиште, за да си ја спасат честа, се фрлиле од карпата. Притоа, за некоја да не се премисли, тие претходно си ги врзале косите во заедничка плетенка. Во близината на селото Моклиште се наоѓа манастир од XVI век, посветен на св. Никола. Непосредно над езерото се наоѓа Полошкиот манастир и црквата „Свети Ѓорѓи“ од XIV век, богато украсена со фрески. За неа се мисли дека потекнува од крајот на IX век, бидејќи според архитектурата е многу слична со охридските црковни градби.
