Од нив најголемо, најубаво и најатрактивно е Охридското Езеро, кое уште се нарекува „Бисер на Балканот“. Сместено е во југозападниот дел на Македонија, помеѓу високите планини Јабланица и Мокра Планина од западната и Галичица од источната страна, на надморска височина од 695 м. Поголема површина на езерото (230 км кв.), лежи во Македонија, а помал дел (119 км кв.) припаѓа на територијата на соседна Албанија. Има елипсеста форма со должина во правец север-југ од 30 км, широчината (во правец исток-запад) му е 14 км, а должината на брегот е 86 км. Охридското Езеро е меѓу најдлабоките (286 м) и најпровидните езера (22 м) во Европа, со прекрасна синкасто-зелена боја на водата. Големото количество на вода во езерото, влијае врз климата во овој простор, а северниот и јужниот ветер условуваат движење на езерската вода и појава на бранови високи до 2 м. Заради севкупната убавина на езерото, бројните заливи, полуострови, убавината на околните планини кои стрмо се издигаат над езерото, постоењето на преку 140 видови ендемични животни и др., Охридското Езеро е внесено во листата на природните реткости на УНЕСКО. Споменатите одлики, но и бројните археолошки локалитети, 365 цркви и манастири во областа, се причина Охридското Езеро годишно да го посетуваат стотици илјади домашни и странски туристи.
