Христијанова Пештера се наоѓа на околу 1 км источно од селото Јаболци, Скопско, од десната долинска страна на Сува Река, на надморска височина од 600 м. Самата пештера се наоѓа високо непосредно до сртот на карпестиот гребен наречен Орлов Камен (највисока точка 673 м.н.в) кој е целосно исполнет со интересни карпести варовнички (карстни) облици издигнувајќи се многу стрмно над десниот брег на Сува Река, а во права линија источно-југоисточно веднаш наспроти селото Јаболци. Пештерата е тешко збележлива, бидејќи нејзиниот отвор е многу тесен и приземен, а околу него има неколку повисоки дрвја и пониски грмушки, кои ја закриваат од далечина, а воедно целата околина е исполнета со многубројни карпести варовнички облици. Отворот е толку тесен, што влегувањето во Христијановата Пештера е возможно само во лежечка положба и со ползење, но веднаш потоа на само еден метар до метар и половина започнува големината на салата и височината на таваницата се зголемува на над 2,5 – 3 метри, при што во овој дел може да собере 3-4 луѓе во исправена стоечка положба. Веднаш од влезот кон десно (југ) малку подиздигнато се отвора голем отвор (процеп) кој продолжува како помала сала во должина од неколку метри, а кон право (исток) и лево (север) започнува вертикалното спуштање и наклон каде се пристапува кон второто и третото ниво на пештерата. Таа досега стручно била испитувана во два наврати и тоа во септември 1989 и мај 1990 година. Вкупната должина на пештерата, заедно со сите пештерски канали и проширувања изнесува 84 м. Истата, денес претставува фосилнапонорска пештера со значителна појава на пештерски украси. Самиот профил на пештерата, особено крајниот дел на пештерскиот канал, како и дното од пештерската сала јасно укажуваат дека низ Христијановата пештера протекувал подземен водотек кој имал понорски карактер, односно истата денес претставува фосилна понорска пештера. Од влезот на пештерата кој има облик на триаголник (3 х 1 м) кон североисток се простира хоризонтален пештерски канал во должина од 12 метри, додека во северозападен правец изграден е главниот пештерски канал кој се спушта под наклон од 45°. Во средишниот дел на главниот пештерски канал, односно на просторот каде истиот свртува кон североисток изградени се три споредни канали, во три нивоа. После мал отсек, главниот пештерски канал продолува кон североисток – исток во должина од 8 метри. Од крајниот дел на главниот канал во северен правец е изградено најголемото пештерско проширување, односно пештерската сала. Должината на пештерската сала во меридијански правец изнесува 16 метри, додека нејзината максимална напоредничка должина достигнува 22 метри. Височината на таваницата во почетниот дел од пештерската сала е доста мала и изнесува само 0,5 метри. Понатаму кон север оваа височина се зголемува при што веднаш после сурнатиот блок достигнува 3 метри. Од влезот на пештерата (600 м.н.в.) до дното на пештерската сала постои висинска разлика од 18 метри, т.е. пештерската сала се наоѓа на 528 метри надморска височина. Релативната височина во однос на коритото на Сува Река изнесува 75 метри. По своите геоморфолошки одлики, односно распоредот на пештерските канали, правецот на нивното протегање како и проширувањата кои се сретнуваат, Христијановата пештера ја чинат за една од најинтересните од досега истраженит пештери во Скопската Котлина. Ваквата констатација доаѓа до израз и според богатството со пештерски украси, особено во поедини делови на пештерата. Појавата на пештерски накит се забележува уште во почетниот дел од главниот канал, каде воглавно се застапени саливи, нешто помалку сталактитити по некој сталагмит. Сталактитите особено добро се изразени во споредните пештерски канали, а во најголемиот од нив кој е со должина од 12 метри се појавуваат и травертински басенчиња исполнети со вода. Во главниот пештерски канал се забележуваат топчести арагонити. Без сомнение најбогатиот простор со пештерски украси во Христијановата пештера е пештерската сала. Речиси целиот северен дел на нејзината таваница е исполнет со бројни сталактити. Особено впечатлива глетка претставува златестата боја на ѕидовите на самиот влез на главната пештерска сала, а златести наноси на таваниците и ѕидините се среќаваат и на самиот пештерски отвор од внатрешната страна.
