Во Паркот во Галичица се регистрирани десеттина подземни карстни форми-пештери и пропасти. Пештерата Самотска Дупка е најголемата пештера во Националниот парк Галичица. Се наоѓа на источната страна од скарстената долина Студино, во горниот дел на помал скарстен дол кој попречно се спушта кон Студино. Влезот на пештерата е изграден во подножјето на компактен карпест отсек висок 10 м. Пештерскиот влез е со широчина од 3 м и најголема височина од 1,2 м. Вкупната должина на пештерата, заедно со споредните пештерски канали изнесува 224 м. Низ Самотската Дупка некогаш поминувала подземна река. Во пештерата се среќаваат пештерски украси, салви, драперии и пештерски бисери, а сталактитите и сталагмитите се многу ретки. Спелеолози од Охрид и Прилеп ги открија пештерите „Нова Пропаст” во Елшани и „Роденденската пештера” во Трпејца, но истражувањата покажале дека има уште многу непознати и интересни пештерски шуплини на планината. Спелеолозите планираат пештерите да бидат мапирани и дел од туристичката понуда на Охрид.
