24 ноември
Беше тоа на 24 Ноември 1919 кога во с. Ореовец прилепско е родена Вера Ацева, учесник во НОБ, народен херој на Југославија. Во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ. По ослободувањето била член на Владата на НРМ, член на Сојузниот извршен совет, пратеник во повеќе свикувања на Собранието на НРМ и на СФРЈ. Во 1948 Вера Ацева била градоначалник на Град Скопје. Во 1960 година Ацева доаѓа во судир со тогашниот секретар на Сојузот на комунистите на Македонија, Лазар Колишевски, обвинувајќи го дека заедно со Видое Смилевски – Бато донесувал одлуки надвор од Извршниот комитет на СКМ. На седницата од 18 октомври 1960 од Белград дошол Александар Ранковиќ, кој застанал на страната на Колишевски. Ацева е принудена да се повлече и е преместена на работа во Белград. Почина во Скопје на 10 ноември 2006 годинa.
На 24 Ноември 1925 а во Скопје била отворена првата женскa гимназија. Директор бил г. Докчевиќ. Според статистиката правена во 30-тите год., во Женската гимназија две третини од ученичките биле од фамилии истакнати по имотност и образование. Најголем број ученички биле со православна вероисповед, потоа следеле мојсиевци, а на последно место биле муслиманите. Во 1934 се изградила нова зграда на Женската гимназија, истата е срушена за време на земјотресот, денес на нејзино место се наоѓа зградата на Владата на РМ..
Беше тоа на 24 Ноември 1944 кога во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнаа последните улични борби, основан е првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои сѐ уште беа во партизански униформи, го формираа симфонискиот оркестар. На таа средба присуствуваа Васил Ѓаконов – Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.
На 24 Ноември 1949 е роден Рахим Бурхан. Тој е основач и раководител на Театарот на Ромите „Пралипе“,односно Братство, во 1971 година во Скопје. Од 1991 година театарот „Пралипе“ соработува со театарот „Андер Рур“ во Милхајм, Германија. Режирал многу претстави како: „Не! Не“, „Божицата на виолината“, „Крвави свадби“, „Бибахтали“, „Соске“, Кралот Едип“, „Отело“, „Јерма“, „Ѕидот, водата“ и други. Живее во Нојс, Германија.
Беше тоа на 24 Ноември 1967 кога во Скопје е роден Октај Ахмед. Завршил Филолошки факултет во Скопје, каде што и магистрирал и докторирал лингвистика. Работи на Катедрата за турски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје како редовен професор и во моментов е Раководител на истата катедра. Член на ДПМ од 1995 година. Автор е на книгите: Симфонија (1994), Точка запирка (1998). Има и две одиграни драми. Од лингвистичките трудови, најзначајни му се книгите „Вовед во морфологија на турскиот јазик“ и „Зборовните групи во турскиот јазик: Теорија и анализа“. Од 1988 година е член на организацијата на луѓе со натпросечна интелигенција, Меѓународна Менса (Mensa International), како и основач на македонскиот огранок, Менса Македонија, во 1999 годима.
На 24 Ноември 1986 заврши последниот дел на електрификацијата на пругата Скопје – Гевгелија со должина на електричната мрежа од 220 км. Електрификацијата почна на 05.01.1981 година.
Беше тоа на 24 Ноември 1992 кога во Скопје, во издание на „Интернационал“, излезе првиот број на независниот економски неделен весник во Република Македонија „Бизнис“. Првиот (пилот) број излезе на 5 ноември 1992 година.
На 24 Ноември 1994 во Скопје е отворена амбасадата на Руската Федерација.
Беше тоа на 24 Ноември 2000 во Загреб, Република Македонија ја парафира Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија се земјите од Европската унија.
На 24 Ноември 2000 во Скопје, на седницата на Извршната канцеларија на Демократска алтернатива, е донесена одлука оваа партија да ја напушти власта и „Коалицијата за промени“.
Беше тоа на 24 Ноември 1985 кога во Скопје умре Љубен Лапе, редовен член на МАНУ и редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Македонската научна и културна мисла загуби еден од нејзините двигатели и основоположници на македонската историографија и архивистика. Тој е еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје и пионер на просветата во Македонија. Обемното дело на академикот Љубен Лапе го сочинуваат околу 200 научни трудови. Роден е во Прилеп, на 11 октомври 1910 година.
На 24 Ноември 1989 во Скопје умре Александар Думов, доајен на Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица и еден од основоположниците на театарската култура во Македонија. Како артист и режисер има работено и во театрите во Велес, во Битола и во Штип. Роден е во Струмица, на 25 февруари 1923 година.
