23 ноември
Беше тоа на 23 Ноември 1944 кога по одлука на АСНОМ, е формирана Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
На 23 Ноември 1877 е роден Никола Карев, македонски социјалист, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација и раководител („претседател“) на Крушевската Република. Со паѓањето на градот во турски раце, тој со своите соработници се повлекол во околните планини на Крушево, а кон средината на ноември 1903 година се префрлил во Белград, а оттаму во Софија. Во Софија, Карев ја обновил својата активност и учествувал во формирањето на Македонско-одринската работничка социјалдемократска група во 1905 година, како огранок на Бугарска работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти). По неуспешните обиди легално да се врати во Македонија, пролетта 1905 година, Карев решил да го стори тоа нелегално. За Македонија тргнал со еден товар социјалистичка литература и со намера да се предаде на социјалистичка дејност. На 26 април 1905 година, неговата чета на пат за Крушево преноќила во селото Рајчани, помеѓу Кочани и Пробиштип. Но, тука четата била предадена и веднаш била опколена од турската војска. Следниот ден, на 27 април 1905 година, во нерамна борба со турскиот аскер, кај месноста Свиланово, загинал Никола Карев, заедно со многу борци од неговата чета.
Беше тоа на 23 Ноември 1937 кога е роден Радован Павловски. Потекнува од гостиварското село Железна Река. Член на Друштвото на писателите на Македонија, на МАНУ и на Сојузите на писатели на Хрватска и на Србија. Павловски е автор е на книгите: Суша, свадба и селидби, Корабија, Високо пладне, Боемија на Природата, Низ проѕирката на мечот, Сонце за кое змијата не знае, Пир, Зрна, Молњи, Стражи, Чума, Отклучување на патиштата, Клучеви, Марена, Избрани дела во три тома, Темелник, Зрна, Молњи и Клучеви (трилогија), Бог на утрото, Што може поезијата, Вселенски деца, Демократска џунгла, Јавач на звукот, Порака на поетот до сите поети на светот – Струшки вечери на поезијата, Синот на Сонцето, На едно око, Се случува вечност. Исто така, тој е автор на манифестите: Епското на гласање и Манифест на Поетска Република Железна Река. За своето творештво, Павловски е добитник на наградите: „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Повелба на печалбарите“, „Гоцева повелба“, „Ацо Шопов“, на странските награди: „Младост“, „Златна струна“, „24 Дисова пролет“, „Ристо Ратковиќ“, стихозбирката „Зрна“ е прогласена за најдобра книга од Југословенската радио телевизија (ЈРТ, 1975), ракописот „Пир“ е награден за неговите високи уметнички вредности (Хрватска, 1972). Добитник е на светското признание за животно дело АБН-САД (1998), во Тринаесетата едиција на меѓународното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ (1999) на Меѓународниот биографски центар (Кембриџ, Англија) се објавени неговата биографија и библиографија. Посебни поетски книги му се објавени на повеќе јазици: англиски (две), француски, шведски, руски, чешки, романски, турски (три), српски (десет), словенечки и албански јазик. Неговата поезија е застапена во голем број антологии на македонската поезија.
