21 ноември
На 21 Ноември 1870 е роден Ефрем Чучков, македонски револуционер, војвода на Македонската револуционерна организација и учител. Заедно со Гоце Делчев учел во воено училиште во Софија и заедно го напуштиле. Потоа завршил Педагошко училиште во Казанл’к и повеќе години работел како учител. Како припадник на ТМОРО бил организатор на Револуционерната дејност во Пехчево и Мелник, каде дејствувал под туѓо име. Потоа бил Скопски окружен војвода, а на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година бил избран за член на Централниот комитет на ВМОРО. Учествувал во Балканските војни.
Беше тоа на 21 Ноември 1875 кога е роден Никола Петров Русински, македонски револуционер, деец на ТМОРО, околиски војвода, учесник во Илинденското востание. Завршил подофицерска школа во Софија и бил близок пријател со Гоце Делчев и Васил Главинов. Задоен со идеите на социјализмот, тој го наоѓа своето место во македонското револуционерно движење и безусловно му служи целиот свој живот. Во 1897 година станал четник во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, а потоа и во четата на Г. Делчев. Како близок соработник на Делчев, во 1900 година бил испратен во западниот дел на Македонија, каде станал првиот војвода – агитатор во Крушевско, Демирхисарско, Кичевско, Прилепско, Охридско, Струшко, Битолско и Мариово. Учествувал на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во Битолско. Користел псевдоними како Апостол Скитов, Атила Елонски и сл. Оставил спомени за ВМОРО.
Беше тоа на 21 Ноември 1900 кога во Софија, во салонот „Славјанска беседа“ е одржана праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од основположникот на македонскиот театар и драматургија, македонскиот писател Војдан Чернодрински.
На 21 Ноември 1992 во Скопје е одржан Првиот конгрес на Лигата за демократија.
Беше тоа на 21 Ноември 1994 кога во Солунското пристаниште се блокирани 19.500 тони американска пченка за Македонија.
На 21 Ноември 1996 е формиран е Сојузот на металурзите на Република Македонијa
Беше тоа на 21 Ноември 1999 кога во Тетово е одржано Основачкото собрание на политичката партија Единство на Ромите во Македонија. За претседател на партијата е избран Меваил Алити. Регистрирана е на 22 февруари 2000 година, со седиште во Скопје.
На 21 Ноември 1986 во Скопје умре Георги Божиков, истакнат македонски оперски уметник, првенец на Операта при Македонскиот народен театар. Роден е во Петрич, во 1931 година.
