домаБЕШЕБЕШЕ - 20 НОЕМВРИ 2023 ГОДИНА

БЕШЕ – 20 НОЕМВРИ 2023 ГОДИНА

20 ноември

Беше тоа на 20 ноември 1906 кога во Велес е роден Живко Фирфов, македонски етномузиколог, композитор, музиколог, диригент и музички деец. Музичка школа заврши во Белград во 1931 година. Во 1939 година ја објави својата прва етномузиколошка студија во списанието “Музика”, за интерпретација на македонската народна песна и за мелогравската постапка при нејзиното собирање. Особено беше ангажиран во создавањето на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија “Танец”. Умре во Скопје на 21 јули 1984 година.

На 20 ноември 1916 Во Дебар е роден Васил Куноски, македонски писател. Неговото поетско дело за деца е мошне обемно. Првата негова објавена книга (во 1950 г.) е поемата „Волшебното ливче“, а последната е публикувана во 1984 година со наслов „Оро весело“ (поезија за предучилишна возраст). Умре во Скопје, на 13 јуни 1993 година.

Беше тоа на 20 ноември 1926 кога во Скопје е формиран државниот архив.

На 20 ноември 1959 Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата за правата на детето, документ со кој се утврдени не само принципите за заштита на децата во светот, туку е и основан за помош на милиони деца. Со текот на годините со финансиска помош од Детскиот фонд се опремени многу здравствени центри во светот.

Беше тоа на 20 ноември 1970 кога излезе првиот број на „Екран“, како седмичен колор прилог на весникот „Нова Македонија“ за ТВ, филм, радио и естрада. Од бр. 226 од 14 март, 1975 година излегува одделно од „Нова Македонија“ како ревија за РТВ, филм, сценски уметности и естрада.

На 20 ноември 1991 Во Скопје, во Собранието на Република Македонија, свечено е прогласен Уставот на Република Македонија, усвоен на 17 Ноември 1991 година.

Беше тоа на 20 ноември 1993 кога авион од типот „Јаковлев 42“ на македонската авиокомпанија „Авиоимпекс“ се сруши во близина на охридскиот аеродром. Во несреќата го загубија животот 115 лица .

На 20 ноември 1995 Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, стана полноправен член на Меѓународната Хелсиншка Федерација, беше речено на Годишното собрание на Меѓународната Хелсиншка Федерација во Истанбул.

Беше тоа на 20 ноември 1979 на потегот од Маџари до Петровец се случи излеа реката Вардар и ги поплави сите села од овој дел на скопска блатија.

Беше тоа на 20 ноември 1998 кога во Москва умре Ристо Бајалски, македонски новинар, новинар во весниците „Нова Македонија“, во „Борба“, во „Политика“ и во други весници. Тој е основач и уредник на спортскиот весник „Спортист“ (1955-1958 година) што го издаваше НИП „Нова Македонија“. Роден е во селото Стојаково, Гевгелиско, на 7 април 1926 година.

На 20 ноември 2001 Во Тетово официјално е отворен Универзитетот на Југоисточна Европа.

На 20 ноември 2001 почина Борко Темелковски –Лилјакот. По војната вршел високи раководни партиски и државни функции во ЦК на КПМ и ЦК на КПЈ, потпретседател на Владата на НР Македонија од 1951 година и на Сојузната влада. Повеќепати бил избиран за републички и сојузен пратеник. Бил претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Сојузот на борците од НОБ. Бил полковник на ЈНА во резерва. За народен херој бил назначен на 11 октомври 1953 година.

20 ноември е Светскиот ден на детето.

Ден 18 април 2025

00:01:17