Куманово град кој се наоѓа во североисточниот дел на Република Македонија, на надморска височина од 340 метри, распространет од двете страни на Липковска Река, Коњарска Река и Кумановска Река, и економски центар на областа Жеглигово, која е заградена со високи планини. Куманово е трет град по број на жители во Македонија и има население од 70.842 жители. Според легендата името на населбата потекнува од името на воинственото племе Кумани кои во 1094 година, навлегле во овој крај и извесно време се задржале на територијата на денешната кумановска општина и пошироко. Во патописните забелешки на Евлија Челебија од 1660 година населбата имала околу 600 куќи покриени со ќерамиди. Тој понатаму вели дека чаршијата ја сочинувале голем број на занаетчиски и трговски дуќани и дека во него има убава џамија, а самата населба била опкружена со многу бавчи, лозја и голем број воденици. Кумановскиот крај има: 60 цркви, 8 манастири, 12 параклиси и 120 крстови. Во Куманово постојат голем број професионални културни установи: Народниот музеј, Театар Куманово и Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Уметничка галерија Куманово, Галерија на икони. Музеј на Христијан Тодоровски-Карпош – Спомен куќата, Спомен костурницата изградена во 1957 година по повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ. Поистакнати културни манифестации се: Ликовната колонија, Џез-фестивалот „Денови на комедија“.
