Македонска Каменица град во источниот дел на Република Македонија. Се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини на нивната јужна падина. Познат е како рударски град. Најпознатиот македонски рудник за олово и цинк Саса е во неговата непосредна близина. Како град е прогласен во 2004 година. Името Каменица потекнува од име на река, неговото значење е „вода што тече во каменесто корито“. Градот има кино сала, која служи за сите поголеми културни случувања. Покрај ова, има Дом на културата и Центар за културно-уметничка издавачка дејност. Од особено значење за градот е настанот „Каменичко културно лето“ кое се одржува секоја година и привлекува разни познати настапувачи. Градот има стадион со капацитет за 2.000 гледачи и градски парк. На 28 август 1984 година, во употреба е пуштен и олимписки пливачки базен, изграден од средствата од самопридонесот. Најпознатиот локалитет е на ридот “Калата” на утоката на Каменичка река во Брегалница на местото каде денес се простира вештачката акумулација “ Калиманци”. Таму се зачувани бројни остатоци од една голема населба, утврдена со три бедеми. Тие оградувале простор околу 30 до 80 метри, додека на источното подножје постоело подградие и некропола. Со археолошки ископувања на овој локалитет била откриена еднобродна црква која и припаѓа на доцната антика од VI-от век. Друг значаен локалитет е пронајден во атарот на село Дулица кај месноста викана Бегов Даб, каде покрај другото била пронајдена една голема базилика од VI-от век со многу материјални остатоци. Најзначаен настан за ова подрачје од Втората светска војна е Пролетната офанзива и маршот на Осоговската ударна група која поминала низ овие предели. Во екот на најголемите борби била ранета народната хероина Вера Јоциќ. Во нејзина чест КУД го носи нејзиното име, а во 1985 година во градскиот парк во Македонска Каменица свечено била откриена бистата на ова жена херој, дело на академскиот скулптор Томе Серафимовски.
