Бадерската Клисура ,позната и како Прнарска Клисура e епигенетска клисура во долниот тек на реката Пчиња. Се протега помеѓу селото Бадер во Скопската Котлина до вливот на реката Пчиња во Вардар во должина од 9,5 км. Таа е всечена во палеозојски шкрилци помеѓу ридовите Каменица (479 m) и Ветерски Рид (508 m), на исток и Мрамор (418 m) и Прнар (489 m), на запад. Во клисурата се изградени изразити вклештени меандри. Низ клисурата минува дел од автопатот Скопје–Велес.
Бислимска Клисура — мала клисура на реката Пчиња што се протега од вливот на Кумановска Река до селото Пчиња. Долга е 6,5 км. Оддалечена е 5 км од градот Куманово. Всечена е во варовнички карпи со јурска старост. Има стрмни страни, на одредени места речиси вертикални, така што на некои места наликува на кањон. Во клисурата се наоѓаат десетина пештери и пропасти, долги до 90 м. Најдолга пештера е Студен Пештер (90 м), а најдлабока пропаст е Маркова Куќа, длабока околу 40 м. Со својот пештерски накит, најинтересна е Лишков Пештер, во јужниот дел на клисурата (2 км спротиводно од с. Пчиња). Покрај пештерите и пропастите, овде релјефот е многу интересен, со бројни шкрапи, вртачи, суводолици, раседи и сл. Во Бислимска клисура има разновиден растителен и животински свет (лилјаци, соколи, орли, влекачи — особено поскоци и др.). Во средишниот дел на клисурата и во пештерите има остатоци од антички градби, веројатно од римскиот период. По сите свои одлики, Бислимската Клисура заслужува да биде заштитено подрачје, особено имајќи предвид дека се наоѓа мошне близу до градот Куманово. Сепак таа е доста деградирана од загадените води на Пчиња, кои доаѓаат од Куманово.
