Неготино – град во средишниот дел на Македонија, сместен во средното Повардарие, од двете страни на реката Вардар и зазема значителен простор во Тиквешката Котлина. Името Неготино е словенизирано име на античката населба Антигонеја која што во 3 век п.н.е. ја создал македонскиот владетел Антигон Гонат (278-242 п.н.е.), откако ја освоил Пеонија. Археолошкиот локалитет Градиште во науката за прв пат се споменува во 1924 година. На самиот локалитет досега се констатирани траги од живот низ целата антика. Неговата важност за науката е е голема токму поради тезата дека овде се наоѓа античкиот град Антигонеа подигнат од страна на крал Филип V, а името го добил по неговиот вујко Антигон. Позначајни манифестации кои се одржуваат во Неготино се Фестивалот на виното (14 февруари) кој се одржува по повод верскиот празник Св. Трифун (заштитник на лозарите), Манастирска вечер и Неготинскиот панаѓур (20-23 септември) кој се одржува по повод верскиот празник Мала Богородица. Повеќе излетнички места се наоѓаат во општината, а како најомилено може да се издвои манастирот Св Ѓорѓија. Во општината постојат пет ловишта. Најчесто се ловат следните видови дивеч: див зајак, еребица, гулаб-гривнаш, како дива свиња и лисица,а риболовни места се реките Вардар и Дошница кои располагаат со рибен фонд од следниве видови на риба: сом, крап, мрена, клен и белвица.
