Македонски Брод е еден од помалите градови во Македонија. Тој се наоѓа во Поречката област. На местото на денешниот град, над водите на Треска постоел еден мост што ги поврзувал градовите Прилеп и Кичево меѓу народот познат под името Брод. Во близина на селото Девич, видливи се остатоци од градби што ја потврдуваат претпоставката дека на тој простор, во средниот век, постоела населба која функционирала како центар на целата област. Таму се издигаат Девините Кули кои се изградени во близина на пештерата Пешна, каде пак се наоѓаат остатоци од ѕидините на градот, кој, според преданието, го изградила младата девојка Пешна, сестра на јунакот Крале Марко. Вештачко езеро Козјак или Поречко езеро како што го викаат жителите е најголемо во државата, сместено помеѓу планината Сува Гора на запад и резерватот „Јасен“ на исток, долго 32 км, некаде е длабоко и 130 м, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнесува 400 м. Според должината, разновидната внатрешност и местоположбата, споменикот на природа Слатински Извор има извонредни можности за туристичка намена. Најголемото богатство се преубавите и големи 5 пештери: Горна слатинска, Слатинска 2, Пурало, Овчарска и Слатински Извор – најдолгата пештера во Македонија (4км). Домот на култура е единствена културна институција во Брод и регионот и со работа започна во 1981 г. Во градот и неговата околина биле изградени и голем број цркви, меѓу кои и црква Св. Богородица, Св. Димитрија во с. Требино, Св. Никола во с. Пласница, и др. Македонскиот народ за време на владеењето на Османлиите бил многу угнетуван и не му се дозволувало да ги слави своите празници. Броѓани отишле во Цариград кај Султанот и со злато го откупиле Велигден, односно вториот ден. Традицијата е возобновена на 8 Април 1991 година. Во период од 1948-1991 год, Велигденските Кули се изведуваа во дворот на црквата Пресвета Богородица во Македонски Брод. Се состојат од два реда во кои во секој ред има најмалку по петмина мажи. Долниот дел од кулата го претставуваат поробителот-Османлиите, а горниот македонските христијани носени од помислата дека ќе дојде денот кога буквално ќе стапнат на вратот на поробителите и гордо издигнувајќи се јасно им покажуваат на присутните, дека повторно ќе светне сонцето на слободата и сите празници ќе можат да ги прославуваат во радост и во слободна Македонија. Манифестацијата „Костенијада“ го промовира овој плод од Поречието (Поречки костен), се одржува традиционално од 2008 година на неколку места низ Порече.
