Дервенска Клисура — клисура покрај реката Вардар. Се протега од утоката на Беловишка Река до селото Рашче во должина од 21,5 км. Всечена е во тријаските варовници на Жеден од десната страна и Градиште и Долги Рид од левата страна на Вардар. Ги поврзува Полошката Котлина на северозапад и Скопската Котлина на југоисток. Во клисурата постојат три теснини и две ерозивни проширувања. Во првото проширување се селата Дворце и Долно Орашје, а во второто селото Радуша и рудничката колонија. Преку клисурата води железничка пруга од нормален колосек изградена во 1952 година.
Дримколската Клисура претставува импозантна клисура во Македонија која се протега по тeкот на реката Црн Дрим. Се протега во должина од 28 км, помеѓу утоката на реката Лениште до поранешната утока на Радика. Стрмните долински страни Црн Дрим ги изградила помеѓу западните ограноци на Караорман и на Стогово, а источните на планината Јабланица. Денес Дримколската Клисура е заезерена со изградба на двете познати вештачки акумулации: Шпилје и Глобочица. Единствено само под браната Глобочица се формира краток речен тек. Клисурестите страни се дисецирани со долините на повеќе кратки речни текови кои имаат голем наклон и при утоката во езерото формирале наноси. Низ клисурата минува регионалниот пат Струга – Дебар.
