Тресонечкиот кањон е долг 1,7 км. На овој пат низ реката има 12 каскади-водопади. Висинската разлика меѓу нив е 290 м. Најголемата каскада е 30м. Официјално водопадите се откриени од страна на алпинистите и спелеолозите и оттогаш во голем број ги посетуваат и истражуваат претставници на овие групи од цела Европа. Прекрасните водопади заобиколени со богато зеленило не се единствениот предизвик за спелеолозите. Водата од водопадите паѓа од различна височина. Најмалиот пад на водата е од 3-4 метри високите карпи, а најголем и секако највозбудлив е Тресонечки Водопад каде што водата паѓа од висина од 38 метри. До секој од нив се пристапува на ист начин. Посета на кањонот може да се направи само со специјализиран водич, потребни се и одредени технички знаења и извежбаност за користење соодветна техничка опрема. Најдобар период за посета е од 7-ми до 10-ти месец. За да се дојде до кањонот потребни се околу 2ч стартувајќи од селото Тресонче. Самиот кањон се поминува за 2-5 часа. А враќањето до с. Тресонче по поминувањето на кањонот е за околу 1 час. До Син вир (првиот водопад) секако можат и деца, а за вториот водопад не препорачуваме да се оди со деца, па дури и возрасни ако не се подготвени, зашто има делови каде патеката е тесна, а има провалија. Има делови каде се качува и симнува држејќи се за јаже, па и тоа може да биди физички напорно.
