29 октомври
Беше тоа на 29 Октомври 1902 кога во Скопје бил растурен таен леток до македонскиот народ да се приклучи кон револуционерната борба со паролите „Слобода или смрт“и „Да живее слободна Македонија“.
На 29 Октомври 1940 во Ленинград умре Димитрија Чуповски, еден од најистакнатите и најдоследни организатори и афирматори на македонската национална мисла, општественик, револуционер, политичар, дипломат, публицист, научник, издавач, историчар, картограф и филолог. Беше иницијатор и прв претседател на Славјанско-македонското научно литературно друштво, основано во Петроград во 1902 година. Го основа и Национално-просветното (1912) и Руско-македонското друштво (1914) во Петроград, а во периодот од 1912 до 1915 година на руски јазик го издаваше списанието “Македонски голос”. Роден е во селото Папрадиште, Велешко, во 1878 година.
На 29 Октомври 1944 во селото Горно Врановци, велешко, излезе првиот број на весникот „Нова Македонија“ на македонски јазик, орган на Народноослободителниот фронт на Македонија. Вториот број излезе во ослободениот град Битола, а од третиот број излегува во Скопје. Излегувањето на овој весник е од исклучително значење за развојот на современото македонско новинарство.
На 29 Октомври 1954 роден е Петре Латиновски прв градоначалник на Општина Бутел во периодот од 2005 до 2017 година. На функцијата е избран на локалните избори во 2005 година.
Беше тоа на 29 Октомври 1964 кога е роден Зоран Ставревски која зад себе има десетгодишно искуство во развојни политики, со фокус на јавниот сектор и макроекономска политика и петгодишно практично искуство на дијалог и економска соработка меѓу меѓународните финансиски инститиуции и развојните организации и Македонија. Пред да стане член на владата на Никола Груевски работел во Светската банка, каде од февруари 2006 година бил водечки економист за развојни политики во одделението за операциони политики и услуги за земјите членки. Од јули 2009 година, по разрешувањето на дотогашниот министер за финансии Трајко Славески, бил избран за министер за финансии.
На 29 Октомври 1975 во Скопје умре Ристо Крле, македонски писател и драматург. Неговото дело има големо значење за македонската драмска литература. Драмите “Парите се отепувачка”, “Милиони маченици” и “Антица”, создадени пред Втората светска војна, претставуваат своевиден блесок и се придружија кон творештвото на Антон Панов и Васил Иљоски. По војната ги напиша уште и драмските дела “Гроф Миливој” и “Велик ден”, како и фрагментарно објавената биографија. Роден е во Струга, на 3 септември 1900 година.
Беше тоа на 29 Октомври 1990 кога во Скопје, на Градските гробишта „Бутел“, точно на 50-годишнината од смртта, беа положени посмртните останки на Димитрија Чуповски, еден од најзначајните личности од историјата на македонскиот народ, кои на 29 јуни 1990 година беа пренесени од Санкт Петербург.
Беше тоа на 29 Октомври 1993 кога е прифатена нотификацијата на Република Македонија со која се пристапува кон Виенската конвенција за патниот сообраќај од 1968 година. Тоа значи дека возилата регистрирани во Република Македонија од овој датум ја носат ознаката „МК“.
На 29 Октомври 1994 По повод вториот круг на гласање за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, почна со работа Прес центарот.
Беше тоа на 29 Октомври 1995 Умре Киро Поповски, основоположник и прв претседател на Социјалистичката партија на Република Македонија. Смртта го затекна на функцијата потпретседател на Собранието на Република Македонија која ја извршуваше од 1991 година. Киро Поповски е роден во тетовското село Вратница на 13 април 1942 година.
Беше тоа на 29 Октомври 1998 кога Република Македонија ја потпиша Конвенцијата за забрана на нуклеарни проби.
На 29 Октомври 2004 почина Перо Коробар. Вршел повеќе функции како: началник на Одделот за надворешни работи во ЦК на КПМ, управник на Македонскиот народен театар, член на Ревизионата комисија на ЦК на КПМ.Во периодот 1963-1974 година Коробар е член и прв претседател на Македонскиот уставен суд. Основач е на списанието „Културен живот“ и повеќе од три децении е негов главен и одговорен уредник. Од 1974 до 1976 година бил претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија.
