домаАВАНТУРИЗАМАВАНТУРИЗАМ-МАРИОВО

АВАНТУРИЗАМ-МАРИОВО

Мариово- област во Македонија карактеристична по својата историја, етнологија, традиции и култура. Областа Мариово се наоѓа во крајниот јужен дел на Македонија. Најпознатото предание за потеклото на името е легендата во која се вели дека некој турски бег сакал да ја земе за жена во својот харем преубавата девојка Марија од овој крај. По долгите натегања Марија се согласила да оди во харемот на бегот, но под услов во целиот крај да не се врши потурчување (исламизирање), да не се населуваат Турци и да се градат џамии. Договорот бил испочитуван и целиот крај бил спасен од насилните потурчувања и зулуми. Во знак на благодарност населението во чест на убавата Марија која го спасила целиот крај, го дало името Мариово. Позната е слична легенда која вели девојката која Турците ја викале Кала Мара или Тамар Мара не сакала да се потурчи и таа продолжила да си ја исповеда христијанската вера. На пат за Мариово таа се задржала во манастирот Трескавец каде што изразила желба да се замонаши, што пак не ѝ било дозволено од свештениците. Таа се налутила и дала заповед да се запали манастирот, го продолжила патот и се населила во селото Витолиште во „мирна земја“, останувајќи и владеејќи со целата област до крајот на животот. Во римско време го носела името Морина, море кое подоцна истекло по течението на Црна Река. Постојат пишани записи за името Мерихово уште во византиско време и Марина во римско време. Населението отсекогаш било македонско и со христијанска вероисповед, жителите развиле посебни однесувања. Живот растоварен од несреќи, непогоди, насилства, придонел да се развие прилично весел дух и расположение кај мариовците кои се надалеку познати по својата шегобијност и хумор, за што се сведоштво големиот број приказни за Итар Пејо. Селото Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. До селото се наоѓа познатиот Зовички мост на Градешка Река. Тука се наоѓа Етно куќата и ресторан „Кај Мостот во село Зовиќ“, каде сите се подготвени да угостат многу туристи. Преку стариот мост секоја година поминуваат џип сафари авантурите, велосипедска и планинарска пешача тура во рамки на Mariovo Off- Road Experience, во должина од 11 километри или 3 часа одење пеш. Селото Зовиќ е поврзано со селото Манастир, а наоколу има доста стари цркви и манастири кои датираат од средниот век, може да се посети и Кајмакчалан. Селото Зовиќ е претежно дестинација која се посетува на пролет и преку лето. Се верува дека српската војска тука оставила ковчези со злато. Вакви слични приказни мариовци раскажуваат и за француската војска од Првата светска војна. Општината најавува отворање на туристичко биро со ангажирање на водичи, кои добро го познаваат теренот и историјата на овој регион. Во исто време, ќе се афирмира и меморијалниот туризам, односно ќе се „оживее“ линијата на фронтот од Првата светска војна, која во 1916 година минувала низ Мариово. За туристите сè поголем е интересот да ја посетат реновираната куќа на хероината Калеш Анѓа и филмскиот мост, каде се снимаше „Прашина“ на Милчо Манчевски.

Ден 18 април 2025

00:01:17