Истражувачите открија антички град на Маите во џунглата на мексиканската држава Кампече, кој го нарекоа Валеријана, објави BBC. Користејќи ја ласерската технологија Лидар, која овозможува идентификација на скриени структури под густа вегетација, тимот лоцираше пирамиди, амфитеатри, спортски терени и населби. Валеријана, според проценките, би можел да биде вториот најголем мајански град по Чалакмул, со пронајдени 6.764 објекти и проценета популација од 30.000 до 50.000 жители. Лидар технологијата овозможи значителен напредок во археологијата, овозможувајќи откривање на изгубени цивилизации и скриени градови, што во минатото било невозможно. Според археолозите, примената на Лидар претставува револуција во истражувањето на терените покриени со вегетација, отворајќи нови можности за разбирање на древните цивилизации, нивната архитектура и живот.
