Преку одржувањето стабилен курс на денарот за време на инфлациската криза, преземањето одлучни чекори за намалување на инфлацијата и зачувувањето на стабилноста на банкарскиот сектор, Народната банка имаше клучна улога во одржувањето на стабилноста во економијата, придонесувајќи кон попредвидливо окружување за фирмите и поддршка и заштита на домаќинствата. Ова беше посочено на состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, Жероен Клик кој ќе ја преземе функцијата извршен директор на ММФ и Марникс ван Рај кој ќе ја преземе функцијата алтернативен извршен директор, во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат во Вашингтон, САД. Средбите беа одржани заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и нејзиниот тим, информираат од НБРМ. На средбите беше искажано признание за Народната банка, којашто преку комбинација на монетарни и макропрудентни мерки, успеа да ги стабилизира инфлациските очекувања и истовремено да ја задржи финансиската стабилност. Соодветната поставеност на монетарната политика придонесе кон намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември 2024 година. Банкарскиот сектор за целиот кризен период ја задржа и ја подобри отпорноста и беше значајна потпора за фирмите и домаќинствата.
